Османи во Берлин го врачи првиот пасош издаден во амбасада

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, работната посета на Берлин, ја искористи за да ја врачи првата издадена патна исправа, изработена врз основа на податоците добиени со новиот современ систем поставен во повеќето амбасади низ дипломатската мрежа на Северна Македонија.

„Нема веќе долги рокови, непотребни трошоци и непријатности. Отсега и информациите за патните исправи директно во амбасадите, од каде во пристоен рок и ќе се земаат готовите пасоши. Нашата цел е да бидеме сервис на дијаспората, да овозможиме ефикасен и економичен одговор на нивните потреби. Задоволна дијаспора значи и поголема поврзаност на нашите граѓани со својата земја, но и поттик за нивно враќање дома“, истакна Османи.

Досегашната постапка за издавање на пасоши просечно траеше од четири до пет месеци, а анализата на министерството за надворешни работи покажа дека во некои случаи постапката се одолговлекуваше и над шест месеци. Покрај времето, тоа претпоставуваше и големи трошоци, како за самите граѓани, така и за министерството. Со поставувањето на базните станици претставниците на нашата дијаспора се стекнуваат со голем бенефити и од аспект на времето потребно за овие активности, финансиските трошоци поврзани со тоа, а истовремено, ќе добијат готов производ, пасош за временски рок од две до три недели.