ЗПВ Николовски и министерот Бочварски: Рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово - Страцин влегува во завршна фаза, инвестициите во патната инфраструктура се влог во економијата

Денеска заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ја пoсетија локацијата кадешто во тек е рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово - Страцин.

Рехабилитација е поделена на  два дела, односно фази. Првата фаза е од Куманово до село Војник, во должина од 15,2 километри, во вредност од 4,7 милиони евра. Рехабилитацијата на оваа фаза завршува во јуни следната година. Втората фаза е од село Војник до Страцин, во должина од 16,6 километри, во вредност од 7,2 милиони евра, пари обезбедени преку Јавното претпријатие за државни патишта. Овој дел е веќе во завршна фаза и според динамиката се очекува во текот на следниот месец да биде комплетно завршена рехабилитацијата.

„Како дел од паневропскиот Коридор 8, доизградбата и модернизацијата на магистралниот пат Куманово - Страцин е од витално значење не само за овој регион, туку и за целата држава. Поврзувањето на локалните и регионалните патишта со главните коридори за поврзување со соседните земји, а со тоа и со земјите од Европа, е наш стратешки приоритет! Токму овој Коридор е во фокусот и на Европска унија и е вклучен во Економскиот и инвестициски план на Европската Комисија за Западен Балкан, вклучително и за Северна Македонија“, рече вицепремиерот Николовски.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски посочи дека изградбата на капиталните проекти се врвен приоритет на Владата.

„Покажавме како се гради, како правилно и рационално се трошат буџетските средства, преку кои создаваме просперитетна држава со модерни патишта и силни општини. Капиталните инвестиции во ресорот Транспорт, токму тоа го покажуваат. Заклучно со третитот квартал, реализацијата на капиталните инвестиции се движат над 68% од основнот буџет на министерството, што покажуваат силна динамика во изградба на патиштата, водоводните и канализационите системи и  гасификацијата. Тоа ни дава за право да испорачаме силна реализација на капиталните проекти до крај на годината“, рече министерот Бочварски.

Вицепремиерот Николовски и министерот Бочварски, посочија дека во истокот и свероистокот како никогаш досега се реализираат крупни капитални инвестиции во патната инфраструктура. Се гради трета лента кон граничниот премин Деве Баир, изградбата на експресниот пат Крива Паланка - Ранковце, магистралниот пат кадешто сме во моментов Куманово - Страцин, изградбата на втората фаза од експресниот пат Штип - Радовиш, забрзано се гради патот Крупиште - Кочани. Веќе се пуштени во употреба патните правци Пробиштип - Крупиште и Штип - Крупиште.