Премиерот Заев и владината делегација се поклонија пред „Могилата на непобедените“ во чест на хероите на 11 Октомври и по повод јубилејот 80 години од народното востание

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска ја предводеше владината делегација и заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, положи венци свежо цвеќе на споменичниот комплекс „Могила на непобедените“, во рамките на програмските содржини за чествување на празникот 11 Октомври – Ден на народното востание и по повод јубилејот 80 години од овој настан.

Со овој чин за оддавање почит и во знак на сеќавање, како и почит кон делото и хероите од народно-ослободителната антифашистичка војна, Владата на Северна Македонија во име на народот им оддава признание на првоборците од Прилеп и прилепско кои во воените дејствија дале 8.000 учесници, од кои 2.700 активни борци со оружје во рака, 650 жртви, 15 народни херои и 154 носители на признанието „Партизанска споменица 1941“, и кои заедно со своите другарки и другари од целата земја учествуваа во војната за слобода од фашизмот и за македонска држава.

Премиерот Зоран Заев и владината делегација, заедно со другите делегации, гости и граѓаните од Прилеп и од државата, на „Могилата на непобедените“ ќе ја проследат празничната програма и обраќањата на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, на градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп Круме Соколоски.