Шахпаска: Со доградбата на градинката „Орце Николов“ во Карпош 3, обезбедуваме влез на нови 100 деца во системот на предучилишно образование

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска заедно со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, извршија увид на градежните активности на детската градинка „Орце Николов“ во населбата Карпош 3. 

„Со доградбата на градинката обезбедувамe зголемување на опфатот на деца за дополнителни 100 нови места, со што градинката „Орце Николов“, добива капацитет за вкупно 280 деца од предучилишно образование. Предвидени се четири нови занимални, кои ќе бидат опремени со нови дидактички материјали, мебел и опрема соодветна за возраста на децата. Ова што сега се случува на терен е резултат на одличната соработка на централната и локалната власт, а сѐ со цел да овозможиме оптимални и современи услови за раст и развој на најважниот дел од популацијата на државата – најмладите“, информираше министерката Шахпаска.

Предвидените работни активности треба да бидат завршени средината на месец август 2022 година, по што ќе биде овозможен влез на нови деца. Вредноста на инвестицијата за нејзината доградба е 23 милиони денари.

Општина Карпош, предводена од градоначалникот Богоев, аплицираше за грант преку Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика, поддржан од Светска банка. Проектот е за изградба на нови детски градинки, за проширување на постојните капацитети и пренамена на постојни објекти во детски градинки.

„Среќен сум што во полн ек е изградбата на трет нов објект на градинка во општина Карпош во изминативе четири години. Нов објект добива најстарата градинка во нашата држава, „Орце Николов“, во Карпош 3. Претходно, нов објект доби градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2, а целосно нова градинка направивме и во Бардовци. Со отворањето на новите градинки ги зголемивме капацитетите за престој и едукација за 173 дечиња. Вложувањето во детската заштита и во подобрување на условите во градинките беше наш приоритет изминативе години. Уверен сум дека грижата за најмладите во Карпош ќе продолжи и понатаму “, истакна градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, кој присуствуваше на увидот.

Министерката Шахпаска и градоначалникот Богоев по направениот увид на градежни работи, ги посетија и децата од градинката „Орце Николов“, со кои имаа можност да поразговараат за работите кои што ги учат во градинката, за меѓусебното дружење и нивниот секојдневен престој во неа.

Според програмата на Владата до 2024, опфатот на деца во градинките и во центрите за ран детски развој ќе се зголеми за 7.500 нови места.