Средба Шекеринска – Гуерини: Силна италијанска поддршка за евроинтеграциите, Северна Македонија и Италија ја продолжуваат и одличната одбранбена соработка

Италија продолжува да дава силна поддршка за евроинтегративниот пат на Северна Македонија е пораката од италијанскиот министер за одбрана Лоренцо Гуерини дадена на средбата со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска во седиштето на НАТО во Брисел.

Во контекст на одбраната, Шекеринска и Гуерини на средбата заклучија дека билатералната соработка е одлична и дека двете земји продолжуваат заеднички да учествуваат во мисијата на Алијансата на Косово и во мисијата на Обединетите Нации во Либан, УНИФИЛ.
 
„Со учеството на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во НАТО мисијата на Косово, ние земаме активно учество во регионот како фактор на стабилност и безбедност“, рече министерката и додаде дека од идното лето, Армијата со еден штабен офицер ќе даде свој придонес и во Силите за брзо распоредување на НАТО лоцирани во Италија.
 
Планот за билатерална соработка со Италија во областа на одбраната годинава вклучува 14 активности фокусирани на воената едукација и обуките, експертската помош и соработката во доменот на логистиката.