Заев: Граѓаните да се спокојни, ги активираме сите ресурси за домашно производство на струја и за одржување на цената на струјата

Премиерот Зоран Заев, во вестите на ТВ Сител, истакна дека државата ја гарантира цената на струјата и таа нема да се промени до крајот на годината затоа што ќе се активираат сите домашни ресурси за производство на електрична енергија за вкупните потреби на граѓаните.

„Доколку е тоа потребно, подготвени се посебни пакети како ваучери за домаќинствата кои од економско-социјален аспект ќе ја компензираат евентуалната разлика во цената како инструменти за поддршка на граѓаните“, нагласи премиерот Заев.

Тој додаде дека станува збор за меѓународен проблем кој се прелева и во нашата земја како отворена економија која и во таква ситуација се грижи за социјалниот аспект и за ублажување на влијанијата на отворените берзи за струја каде што цената е повисока за 3 до 4 пати.

„Како што се погриживме за ублажување на последиците од растот на цената на струјата со намалување на ДДВ-то, така подготвуваме и соодветен пакет во интерес на граѓаните. Се откажавме во приходи во државата, во интерес на социјалната и економска сигурност на граѓаните“, потенцираше претседателот на Владата Зоран Заев во интервју на ТВ Сител.

Премиерот Заев посочи дека се преземени сите активности за активирање на третиот блок на РЕК Битола со набавка на дополнителни количини јаглен, со што ќе се активира повторно и ТЕЦ Осломеј, а со Стопанските комори е остварена комуникација за подготвеност за набавка на мазут за ТЕЦ Осломеј.

„Енергетскиот систем треба да се гледа во неговиот полн капацитет. Ние треба да го исполниме системот со производство прво од сите можни домашни капацитети, а потоа да се види дали треба преку мрежата да се избалансира недостатокот од електрична енергија, но се надевам дека за тоа нема да има потреба“, рече премиерот Заев во интервјуто за ТВ Сител.