Премиерот Зоран Заев и швајцарската амбасадорка Вероник Улман Марти: Двете земји се пример за функционално мултикултурно општество, поттик за одржување фокус на остварување на европската и евроатлантска перспектива на Северна Македонија

Премиерот Заев ја прими новата амбасадорка на Швајцарија во Северна Македонија, Вероник Улман Марти.

Честитајќи  ѝ го назначувањето на швајцарската амбасадорка, премиерот Заев изрази задоволство од соработката со Швајцарската федерација истакнувајќи дека двете земји ги поврзува искрено пријателство, засновано на соработка и меѓусебно почитување.

На средбата беше истакнато дека Швајцарската Конфедерација како една од првите и најдолгорочни земји-донатори останува посветена во давањето поддршка и остварувањето на приоритетите и проектите утврдени во Програмата за соработка на Швајцарија со Северна Македонија 2021-2024 година, кои се особено значајни за развојот на нашата земја.

Беше поздравена и посветеноста на соработката на двете земји во обезбедувањето поефикасно функционирање и јакнење на работата на институциите, борбата против корупцијата, владеењето на правото како и поддршката на процесот на остварување на надворешно политичките приоритети на Република Северна Македонија.

Соговорниците истакнаа дека двете земји се примери за функционално мултикултурно општество почитувајќи ги основните човекови права и одржувајќи одлични односи со земјите од регионот.

Беше изразена поддршка за остварување на евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија и поттик за одржување фокус на  остварување на европската и евроатлантска перспектива на Северна Македонија, оценувајќи дека економската соработка со земјите на Европската Унија и земјите од регионот придонесува за подобрување на економскиот стандард на граѓаните и поттикнува економски раст и севкупен просперитет на државата.