Од пресот на портпаролите на Владата: Наредните денови ќе се изврши исплата на финансиска поддршка за 19.060 тутунари со вкупна вредност од 300 милиони денари

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамет Хоџа, на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на последната 119 седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста.

Тие соопштија дека Владата на вчерашната седница го разгледа и прифати ревидираниот оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2021 година со што се обезбедени дополнителни средства во износ од 284.960.000 денари за 1.216 нови вработувања во реалниот сектор.

 

Како што информираа портпаролите, на 119 седница на Владата беше утврден текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за здравствена заштита, со кој се обезбедува правна можност за избор на матичен лекар во јавен здравствен дом во случај кога нема доволен број на избрани лекари во општината, како и исклучок дека јавна здравствена установа – болница која врши специјалистичко – консултативна болничка здравствена дејност од областа на гинекологија и акушерство и педијатрија може да организира здравствени услуги на примарно ниво во овие дејности за пациентите кои не можат да го остварат правото на здравствена заштита на примарно ниво поради недоволен број тимови на подрачјето на местото на живеење. Предлогот ја пропишува и можноста специјалистите и супспецијалистите да спроведуваат дежурства во други здравствени установи, различни од установата во која се вработени со цел поблизок пристап до пациентите и нивните потреби.

Портпаролите на денешната прес-конференција издвоија неколку важни сегменти од Предлог-буџетот за 2022 година. Тие информираа дека главна карактеристика на овој буџет е развојната компонента, пришто се обезбедува непречено финансирање на функциите на државата, и силна финансиска поддршка за економското заздравување и забрзаниот, инклузивен и одржлив економски развој.

Капиталните инвестиции во Предлог-буџетот за 2022 година се планирани на износ од 37,8 милијарди денари и се за околу 27 % повеќе во однос на 2021 година.

Останува определбата за оптимизација на администрацијата преку контрола на новите вработувања, како и подобрување на квалитетот на живот на вработените. Предвидени се зголемувања на платите кај здравствените работници, инспекторите, судството и обвинителството, професионалните војници, вработените во ИПА структурата, шумска полиција.

Како што беше кажано, Буџетот за 2022 година има четири основни цели: зачувување на здравјето и животите на граѓаните, економско заздравување и забрзан раст,  фискална одржливост, и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евро-атлантските интеграции.

На денешната прес-конференција беше соопштено дека на барање на синдикатите и во тесна соработка со Владата е подготвен Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи. Со овој предлог закон се дефинира дека недела е ден на неделен одмор, и  се очекува наскоро да биде усвоен од страна на Собранието, бидејќи е во насока на унапредување на работничките права. Со овој Предлог-закон се овозможува над 92 проценти од вработените да одмораат во недела. Исто така измените предвидуваат најмалку 50 проценти повисока дневница и слободен ден.

Портпаролите информираа дека јавното претпријатие „Железници на Република Северна Македонија“ извести дека успешно е завршен јавниот повик за понуди за избор на изведувач за рехабилитација и градба на првата фаза од пругата Куманово-Бељаковце, и за втората фаза за реконструкција и изградба на делницата Бељаковце-Крива Паланка. По ова ќе следува евалуација и избор на најповолниот понудувач, со што се создаваат услови за отпочнување на градежните работи на Коридорот 8. Финансиската конструкција за овој проект е обезбедена преку кредит од Европската банка за обнова и развој и инвестициски грант одобрен преку инструментот Инвестициски фонд за Западен Балкан на ЕУ.

На прес-конференцијата беше соопштено дека Владата, преку Генералниот Секретаријат, наредните денови ќе изврши исплата на финансиска поддршка за 19.060 тутунари со вкупна вредност од 300 милиони денари во рамки на пакетот поддршка за намалување на последиците предизвикани од КОВИД-19. Се работи за поддршка од три денари по килограм за произведен и продаден необработен тутун од втора класа и 16 денари по килограм за произведен и продаден необработен тутун од трета и четврта класа. На оваа финансиска поддршка и претходеше исплата на субвенции за произведен и предаден тутун во висина од 1.7 милијарди денари со што владината поддршка за тутунопроизводството во година на светска здравствена и економска криза изнесува два милијарди денари.

Во врска со најавата на министерот за здравство Венко Филипче за нови мерки за заштита и превенција од КОВИД-19, предложени од Комисијата за заразни болести на денешниот состанок, портпаролите на новинарско прашање појаснија дека овие мерки ќе бидат разгледани на првата наредна седница на Главниот координативен кризен штаб, а потоа ќе бидат предложени за усвојување на седница на Владата.

Предложената мерка на Комисијата е донесена со консензус и со неа се предвидува сите вработени во јавниот сектор и локалната самоуправа при одење на работното место да покажат потврда за примена најмалку една вакцина или ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, или ќе приложат потврда за прележан КОВИД-19, не постар од 45 дена, или ќе имаат потврда од лекар специјалист дека вакцината не може да ја примат.

Комисијата за заразни болести препорача вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките предложени денеска, да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата со цел граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за оние здравствени работници коишто во овој момент се сѐ уште невакцинирани.

Се препорачува на овие мерки да се приклучат и приватните компании, со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата.