Од прес-конференција на премиерите Заев и Јанев: Болката е голема, ги обезбедуваме сите информации за брза и прецизна истрага

Веднаш по посетата на преживеаните патници во трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија, претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со министерот за здравство Венко Филипче и министерот за надворешни работи Бујар Османи, имаше средба со бугарскиот премиер Стефан Јанев, кој им ги пренесе информациите за сообраќајната несреќа кои првично ги обезбедија надлежните служби во Бугарија.

Веднаш по средбата на заедничката прес конференција со бугарскиот премиер Јанев, премиерот Заев рече:

Почитувани претставници на медиумите, прво дозволете да изразам сочувство за загубата на двете земји, двата народи. Бугарија загуби 9 животи вчера попладнето во 18 часот со пожарот во старечкиот дом. Северна Македонија изгуби 46 животи, пред сѐ млади деца. 11 деца, а и другите се млади луѓе во една страшна трагедија која што се случи со македонскиот автобус кој што на враќање од Истанбул преку Софија кон Благоевград за да оди кон Северна Македонија за да се вратат дома се случи страшна трагедија. 

Сакам да го споделам моето искрено сочувство и сочувството на македонскиот народ кон бугарскиот народ за загубата како што и ги примивме изразеното сочувство од бугарскиот народ кон нас. Навистина бев информиран 10 минути или 5 минути после несреќата директно од премиерот Стефан Јанев. Се јави и претседателот Радев веднаш да ме информира за несреќата.

Ние веднаш заедно со МНР и МЗ дојдовме овде за да можеме да ги видиме луѓето кои што останаа живи и се во болницата, а секако и да се видиме со раководството на Бугарија за да можеме да ги дознаеме и деталите и сите можни информации. Соработката е на високо ниво помеѓу двајцата претседатели на државата, помеѓу нас двајцата премиери, помеѓу министрите за надворешни работи, МЗ, МВР дури и обвинителите заедно со сите служби се во постојана соработка и координација. Довербата во институциите едни со други е голема и така најдобро ќе им служиме на граѓаните кога ќе им дадеме сите неопходни информации од истрагата што се причините да се случи несреќата и како се случила самата несреќа.

Болката е голема кај двете земји, кај двата народи но семејствата кои изгубија членови на семејства навистина нивната болка е ненадоместлива. 

Јас имав прилика да ги посетам 7-те наши сограѓани во болницата овде во Софија. Сите се во добра состојба надвор се од животна опасност. Некои се со полесни повреди, некои се со малку потешки повреди и секако во координација заедно со нашите здравствени власти тие наши сограѓани кои ќе бидат подготвени да се вратат дома во болницата во Скопје или на домашно лекување во Скопје или во градовите од кои доаѓаат секако ќе бидат транспортирани. 

Она кое што сите ги интересира е дали знаеме нешто повеќе за причините. Јас не би коментирал, затоа што треба експертите и професионалците да ги кажат сите детали од самата истрагата затоа што само така е исправно. Денес исто и во Скопје Владата на Република Северна Македонија има седница и се подготвува решение за прогласување на денови на жалост согласно постапките се гледа кој се условите, услови кога се донесува во моментот самата одлука. Стефан Јанев ме информира дека и Република Бугарија тоа исто го прави со сите неопходни чекори за да се прогласат денови на жалост. 

Она коешто исто така сакам да го споделам е благодарноста за промптноста во јавувањето и информирањето. Денес пред мене беа дури дојдени и членови на семејство, тоа значи брзото информирање и соработка која ја имаме меѓу нас за да можеме навистина ужаснати од ваквата голема трагедија навремено да дојдеме и да ги информираме пред се граѓаните и семејствата кои што имаат загуби и оние семејства чиишто секако членови се повредени во самата болница. 

Ние сме и во добро и во лошо заедно, ние сме први соседи за мене братски народи и секој пат треба да се најдеме  и да си помогнеме и во добро и во лошо. Да се надеваме во добро во иднина најмногу. Да, ќе има влијание оваа трагедија на нашите односи заради тоа што еве си помагаме меѓу себе. Сите институции соработуваат и тоа е пораката кон двете земји, кон народите на двете земји, до младите луѓе дека тука сме да си помогнеме и кога е тешко, а секако да споделиме радости и кога е добро и среќно. 

Пред на се навистина денови на голема жалост. Бугарија изгуби свои граѓани, Северна Македонија изгуби свои граѓани, не би сакал да коментирам за овие теми. Има денови пред нас, мене ми е драго што Бугарија избра претседател, тоа е претседателот Румен Радев. Посакувам како што му честитав и на него, благосостојба, просперитет, прогрес на бугарскиот народ и на Бугарија. Драго ми е што има извесност некаква околу Владата, посакувам успех на тие што преговараат да состават убава, добра, стабилна Влада која ќе му служи секако на граѓаните на Бугарија. Од тој аспект ние сме подготвени ние да ги продолжиме разговорите. 

Денес се гледам со Стефан Јанев и со претседателот Румен Радев и после тоа одиме во Скопје затоа што ние имаме Влада и треба да ги донесеме соодветните одлуки како прогласени денови на жалост. 
Треба да ги почекаме стручните, професионални органи на истрагата кои што ќе кажат сите детали поврзани со причина и што се случило за оваа страшна трагедија што се случи денес.

Македонската страна исто така има информации и за фирмата и за сите детали, но тоа е работа на истражните органи кои ќе соопштат се со конечна цел да не предизвикаме било какви несакани дополнителни непријатни чувства пред сѐ кај семејствата кои ги загубија своите членови, но и кај сите граѓани.
 


Фото и видео: БТА | bta.bg