Вицепремиерот Битиќи се сретна со израелската амбасадорка Франкел – Нашите две земји имаат традиционално добри односи, Израел сочуствува со граѓаните на Северна Македонија за трагедијата со автобуската несреќа

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со новоименуваната амбасадорка на Израел, Н.Е. г-а Симона Франкел, на која и честиташе за новата функција и посака во нејзиниот мандат да продолжи да се продлабочува соработката помеѓу Израел и Северна Македонија и да се негуваат веќе воспоставените одлични дипломатски односи.

На почетокот на средбата, Амбасадорката Франкел, во име на израелскиот народ, изрази сочуство до граѓаните на Република Северна Македонија и до семејствата на загинатите во автобуската несреќа која што се случи во Република Бугарија.

На средбата се разговараше за унапредување на економската соработка помеѓу двете земји, а соговорниците се согласија дека има голем потенцијал за партнерство и  размена на искуствата за развојот на иновациите, особено иновации во земјоделското производство и преработка на земјоделски производи, поттикнувањето, како и развојот на старт-ап компаниите и унапредување на старт-ап еко системот.

Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Франкел, на оваа иницијална средба, искажаа подготвеност за соработка во насока на унапредување на дипломатските, политичките и економските односи помеѓу Израел и Северна Македонија.