Изјава на министерот Бујар Османи за тековните активности после автобуската несреќа во Република Бугарија

Работен состанок со тимот на обвинители од Република Бугарија, кои работат на истрагата поврзана со трагичната автобуска несреќа. Целта на средбата беше да се утврдат следните чекори и динамика на истрагата за да бидеме подготвени како институции. 

Беше утврдено дека процесот на идентификација на телата на загинатите е започнат, а експертите од нашата држава веќе се активни заедно со бугарските колеги. Ни беше побарана и асистениција од наша страна во насока на итно собирање на ДНК материјалите од роднините, постапка која што веќе е во тек и МВР веќе активно работи на собирање на таков материјал, се со цел процесот на идентификација да заврши што поскоро. 

Согласно добиените информации од бугарските служби, процесот на идентификацијата на телата ќе трае 7 дена. Важна информација за семејствата, но и за нашите институции за да навремено се организираме за транспортот на телата. При тоа, транспортот ќе биде целосно на трошок и обврска на нашите државни институции. 

Од мојата целодневна комуникација со претставниците на семејствата ги информирав и за последните разговори со бугарските институции, при што споделив дека во оваа фаза не можат да се споделат индивидуални информации до нив, се додека овој процес на идентификација сеуште трае. 

Разговаравме и за текот на истрагата и за многубројните шпекулации за кои заеднички констатиравме дека во овој момент не и помагаат на истрагата и како одговорни институции треба да се фокусираме на релевантните факти и процедури.