Царовска: Учениците од најрана возраст треба да научат да препознаваат, да се гласни и да дејствуваат против сите форми на насилство

Насилството не смееме да го премолчиме. Сите заеднички треба да дејствуваме. Затоа, со новата Концепција, кај учениците уште од најрана возраст развиваме свесност и ги учиме да ги препознаваат и гласно да зборуваат против сите форми на насилство, вклучувајќи го и насилството врз девојчињата и жените. Постојаното гласно зборување и дејствување против родово базирано насилство ја зајакнува борбата и нé прави уште посилни и солидарни во добивањето на оваа важна битка, а одбележувањето на 16 дена активизам е само потсетник дека гласноста и преземањето конкретни активности се најмоќните оружја за искоренување на сите форми на насилство, дискриминација и нетолеранција. Ова е пораката со која на својот ФБ профил министерката за образование и наука Мила Царовска, се приклучи кон одбележувањето на повеќе од две неделниот активизам.

Царовска која е и долгогодишна активистка во борбата и јакнењето на женските права, истакна дека МОН посветено работи низ образовниот процес да ја подигне свесноста кај учениците за родово базираното, но и воопшто за сите други форми на насилство, што треба да придонесе за намалување и искоренување на насилството во сите сегменти во општеството.

Токму во таа насока се и заложбите на Министерството за образование и наука со воведувањето на новата Концепција, учениците низ образовниот процес да се стекнат со основните општествени вредности како што се толеранцијата, почитувањето на различностите и еднаквоста. Со реформските процеси учениците од најрана возраст учат да препознаваат и да дејствуваат против ненасилно однесување со што треба да придонесеме за намалување на насилството во општеството.

Чекор напред во оваа борба е и повлекувањето на учебниците кои содржат родови стереотипи и поттикнуваат агресивност и понижување. Од оваа учебна година има нови наставни материјали кои ја унапредуваат родовата еднаквост и различностите.

Позитивно влијание треба да има и воведувањето на сексуалното образование во 9–то одделение, како и јакнењето на стручните служби во основните и средните училишта кои ќе работат на заштита на менталното здравје на учениците и на наставниците.

Освен во образованието, изминатите години владата направи многу за превенција и заштита од родово базирано насилство. Ратификувана е Истанбулската конвенција, засилена е мрежата за помош и поддршка и поставување механизми за едукација и превенција. Но, ова е битка која мораме да ја водиме сите заедно, како општество.