Бочварски: Во завршна фаза е формирањето на Агенција за подобрување на безбедноста на патиштата

Во организација на Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија и Постојаниот Секретаријат на Транспортната заедница, денеска во Скопје се одржа вториот состанок на Опсерваторијата за безбедност на патиштата на Западен Балкан.

На конференцијата, покрај министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, се обратија и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорот на Секретеријатот на Транспортната заедница, Матеј Законшјек, како и Штефен Худолин, од делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.

Тема на конференцијата беше подигнувањето на безбедноста на патиштата во Република Северна Македонија и во целиот регион, каде беше потенцирано формирањето на Агенцијата за подобрување на безбедноста на патиштата, како извршно тело, кое ќе работи на подигнување на квалитетот на сообраќајот и подобрување на безбедноста на патиштата.

Во прилог интегралното обраќање на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски:

„Најнапред би сакал да изразам задоволство што Република Северна Македонија е домаќин на еден ваков собир во организација на Постојаниот Секретаријат на Транспортната заедница, на кој ќе се отворат потребните аспекти за зголемување на безбедноста на патиштата како и намалување на сообраќајните несреќи во регионот, па и во нашата држава.

На средбата што ја имав со директорот Закоњшек во Љубљана, му предложив во текот на оваа година Транспортната заедница да организира ваква средба во Скопје со цел да ги отвориме прашањата кои се важни и секако да ги реализираме заклучоците кои ќе произлезат од овој многу значаен собир.
 
Ова е комплексен процес кој во Република Северна Македонија вклучува интергација на неколку секторски надлежности, заради ефикасно поставување на транспортниот систем и максимизирање на целите за намалување на бројот на сообраќајни несреќи на патиштата.

Имајќи ги предвид долгорочните иницијативи што ги усвојува Европската Унија во однос на безбедноста на патиштата, напорите на Секретаријатот на Транспортната заедница се во насока на постигнување на целите за највисоко ниво на безбедност на патиштата.

Владата на Република Северна Македонија ја прифати ваквата иницијатива и како резултат на долгогодишната соработка со европските партнери, во завршна фаза сме со формирањето на Агенцијата за безбедност на патиштата.

Нашата конечна цел е и во следниот период да продолжиме да ги подобриме условите на патиштата во Република Северна Македонија и постојано да ја зголемуваме безбедноста.

Конкретно во Националната транспортна стратегија 2018-2030, предвидовме цел до 2030 година да го намалиме бројот на жртви на патиштата за 50%.

Токму на денешната дебата ќе дадеме свој акцент од потребата за постоење на извршно тело со оснавна цел зголемување на безбедност на патиштата.

Зошто ни е потребна формирање на една ваква Агенција?

Целта на формирање на Агенција за подобрување на безбедноста на патиштата, е создавање на модели за координација на активностите за подобрување на безбедноста на патиштата, преку безбедна инфраструктура, квалитетни обуки на возачите, проценки кои се безбедни возила кои можат да се вклучат во сообраќај, обуки на службите за реакции по сообраќајни несреќи и сет други мерки кои значително ќе ја зголемат безбедноста на патиштата.

Агенцијата е структуирана како орган на управување со посебните функции на извршно тело со преку десетина директни надлежности, како независен субјект со професионален кадар, целосно посветена на безбедноста на патиштата.

При разработка на моделите на формирање на ова тело земени се примери од соседните земји каде веќе функционира овој тип на тело, на пример од Србија и Словенија каде бројот на несреќи значително е намален.

Процесот на формирање на ова тело е во завршна фаза. Законот со кој се предлага формирање на Агенција веќе е подготвен. Останува во следниот период да направиме и усогласување со неколку други закони и да го доставиме на разгледување.

Би сакал да потенцирам дека во овој процес вклучени се и Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за Економија и други државни институции.

Во однос на подобрување на државната патна мрежа преку изградба и рехабилитација на патните правци, би сакал да го истакнам и задоволството од завршувањето на изградбата на Експресниот пат Штип-Радовиш и тоа 4 месеци пред крајниот рок и преку кој анулираме неколку црни точки на Истокот. Понатаму, патниот правец на Коридорот 10 Д кој прераснува во експресна делница од Градско кон Прилеп, каде што едната делница се гради со доминантно средства обезбедени како грант од ЕУ. Наскоро согласно временските услови започнуваме со рехабилитација на цела патна делница Плетвар, на север градиме нов експресен пат Ранковце-Паланка на Коридорот 8 каде што имаме исто така тесно грло во сообраќајот.

Приоритет во западниот регион е секако изградбата на автопатот Кичево-Охрид и овде би сакал да истакнам дека очекувам деновиве Собранието да го изгласа новиот закон за продолжување на рокот за изградба на овој автопат. Институционалните пречки се решаваат, проектите се одобруваат, грешките се отклонуваат, од 70 веќе 63 проекти се одобрени во МТВ, а со тоа фронт за работа добиваат градежните компании.

Друг аспект во активостите што ги преземаме за подобрување на безбедноста на патиштата, е проектот во рамките на ИПА 2 компонентата кој се однесува на замена на заштитните огради според европските стандарди долж Коридорот 10.

Понатаму, во рамките на Проектот за унапредување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, се работи на подобрување на ефикасноста и предвидливоста на транспортот преку развој на интелигентни транспортни системи.

Со овој проект предвидено е на дел од Коридорот 10 да се инсталира опрема за собирање на податоци за сообраќајот поставени во коловозот, мерење на тежина во движење, контрола на висината на возилата кои пристапуваат на автопатот, систем за собирање на податоци за временските услови долж трасата на автопатот и систем за детектирање на транспорт на опасни материи.
 
Развивањето на Национална стратегија за Интелигентни Транспортни Системи и план за нејзина имплементација, претставува висок приоритет за Република Северна Македонија.

Во тој контекст сакам да ја потврдам посветеноста на Владата во насока на развивање и градење на долгорочен систем за зголемување на безбедноста на патиштата“.