Вицепремиерот Битиќи на работен состанок за Стратегијата за „паметна специјализација“ – Со Стратегијата ќе се издвојат секторите со најголем потенцијал за развој за побрз и одржлив раст на економијата на Северна Македонија

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерката за образование и наука, Мила Царовска, државната секретарка во министерството за економија Размена Чекиќ Дуровиќ, замениците амбасадори на СР Германија и Швајцарија, претставници на делегацијата на ЕУ, резидентниот претставник на канцеларијата на Светска Банка, претставници од бизнис и академската заедница и од граѓанскиот сектор денес учествуваа на работниот состанок за Стратегијата за „паметна специјализација“, кој се одржа во Владата на Република Северна Македонија.
 
Отворајќи го овој работен состанок, вицепремиерот Битиќи потсети дека процесот за подготовката на Стратегијата за „паметна специјализација“ започна во март 2018 година, при што нагласи оваа стратегија е особено важна за нашата држава бидејќи со неа ќе се издвојат секторите со најголем потенцијал за развој, кои ќе станат поддршка односно драјвери за сите други сектори во економијата.
 
„Процесот е долг, комплексен и бара соработка помеѓу повеќе чинители, а доказ за тоа колку е широка оваа соработка е и составот на денешниот состанок со претставници од владините министерства, донаторската заедница, приватниот (бизнис) секторот, академијата, граѓанскиот сектор. Се надевам дека на овој начин со целосна посветеност на сите инволвирани ќе се спроведе наредната фаза на подготовката на Стратегијата, односно процесот на претриемачко откривање. Ова е можеби најважниот чекор, со кој преку активна соработка и учество на сите чинители во серијата состаноци на специфичните работни групи по области кои треба да се одржуваат почнувајќи од јануари 2022, ќе успееме да ги дефинираме секторите со најмногу потенцијал за истражувања, иновации и развој. На оваа фаза и претходеше мапирањето на економскиот, иновативниот и научниот потенцијал во Северна Македонија кој започна во февруари 2019 година, и тоа преку квантитативна анализа која потоа беше валидирана во текот на 2020 и 2021 година со квалитативна анализа на потенцијалите“, посочи вицепремиерот на почетокот на состанокот.
 
Битиќи дополни дека Стратегијата за „паметна специјализација“ ќе биде замена за две други стратегии, кои досега ги дефинираа правците за развој на земјата, и тоа Стратегијата за конкурeнтност и Стратегијата за иновации. Стратегијата за паметна специјализација ќе биде интегрирана и во идната Национална развојна стратегија, во кохезија и со индустриската политика во земјата, додаде вицепремиерот.

„Од досегашните процеси се издвоија како потенцијални приоритети областите на паметно земјоделство и прехранбена индустрија, електро, машинска и метална индустрија, ИКТ како посебна индустрија (по вертикала), но и со хоризонтално значење, како поткрепа за дигитализација на економијата и општеството воопшто, паметните згради и одржливи материјали, вклучувајќи го и концептот на циркуларна економија. Воедно, тука се и два хоризонтални сектори: енергетика со еко солуции, обновливи видови енергија, енергетска ефикасност, навлегувајќи во сите сегменти и поттикнувајќи зелена транзиција и туризмот“, потенцираше вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
 
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, во своето обраќање кон работната група за развој на Стратегијата за „паметна специјализација“ нагласи дека очекувањата на државата од Стратегијата се многу големи. Таа не е важна само за оваа или за наредната влада туку е важна за развојот на државата, кој мора да се потпре на стратешки приоритети, заеднички утврдени меѓу компаниите, високообразовните институции, министерствата, научната заедница и невладиниот сектор. 
 
„Само преку утврдувањето на стратешките приоритети можеме да искреираме реална економска визија којашто понатаму ќе резултира со економски раст и развој. Без ваков стратешки документ државта не може да донесе заклучок на што треба да се фокусира во вложувањата во науката“, нагласи министерката Царовска.
 
Државната секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ Дуровиќ, во својата дискусија посочи дека еден од основните предизвици на секоја национална економија е како до поголем економски раст и како да се поддржат и искористат потенцијалите и конкурентните предности на сите чинители во економијата.
 
„Создавањето на економија базирана на знаење и иновации на преден план ја става силната врска меѓу академијата и бизнисот. Паметната специјализација претставува пристап на интегрирана економска трансформација која се базира на специјализација во одредени приоритетни области, преку искористување на постојните потенцијали во економијата, иновациите и науката, а има за цел да изгради компаративни предности со поврзување на истражувачките и иновативните сили за потребите на економијата. Паметната специјализација, како политика е во корелација со индустриската политика, стратегија за развој на мали и средни претпријатија, стратегијата за иновации, конкурентност, регионален развој, стратегијата за образование и развој на вештини, како и повеќе секторски стратегии“, рече Чекиќ Дуровиќ.