Заев на доделувањето на плакетите со благодарност за пратениците од првиот повеќепартиски состав на Собранието: Гордо и секогаш со почит ќе се сеќаваме на вашиот придонес во создавањето на независноста на нашата држава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на пригодна свеченост во рамките на програмата за одбележување на 30 годишнината од независноста, на пратениците од првиот состав на повеќепартиското Собрание од 1991 до 1994 година им додели плакети со благодарност како израз на длабоката почит за нивниот исклучителен придонес во создавањето и развојот на нашата независна и суверена држава.

Во своето обраќање на свеченоста, премиерот Заев истакна дека благодарницата е признание и за Декларацијата за самостојност, за одлуката за распишување на Референдумот, за воведувањето на плурализмот, за воспоставувањето на новите демократски институции, за изборот на првата демократска Влада, за првиот Устав на независната држава и за севкупната посветеност на изградбата на нашата заедничка татковина.

„17-ти ноември 1991 година како ден кога беше усвоен Уставот на Република Македонија има посебно место во временската линија на развојот на нашата државност. Тој ден со златни букви ја испишува страницата од нашата историја за да се запамети дека во Собранието на Социјалистичка Република Македонија беше усвоен Уставот на Република Македонија, прв по прогласувањето на сувереност и самостојност на 8 септември, откако претходно беше усвоен нацрт-амандманот за бришење на атрибутот „Социјалистичка“ пред името на државата“, нагласи претседателот на Владата Заев.

Тој додаде дека тие, пратениците, врз основа на декларациите што му претходеа на референдумот и на првиот Устав на независна Република Македонија, оние за суверенитетот на земјата, за независноста и за меѓународното признавање, усвоија Устав кој ја дефинираше Република Македонија како независна држава, чиј суверенитет потекнува од граѓаните и ним им припаѓа.

„Вие, пратениците од првиот состав на повеќепартиското Собрание сте креаторите на новата демократска и социјална држава којашто беше основана врз начелата на парламентарната демократија, на поделбата и независноста на трите власти, на владеењето на правото, на пазарната економија и на неприкосновеноста на приватната сопственост. Според сите стандарди на современите демократски држави“, рече премиерот Заев на настанот во Свечената сала на Владата.

Заев рече дека историјата запиша, а граѓаните ќе паметат, дека пратениците од првиот мандат на плуралното Собрание од 1991 до 1994 година учествуваа и во креирањето и донесувањето на сите останати неопходни државотворни акти и документи со кои јасно се трасираше патот за изградба на самостојна и независна држава.

„Во Вашиот мандат, во мандатот на пратениците од првиот пратенички состав, покрај референдумот за независност и првиот Устав на независна Република Македонија, беа утврдени и државната химна и знаме како темелни обележја на независната и суверена македонска држава. Во трите декади што следеа по овој историски настан, Уставот на Република Северна Македонија, беше дополнет со амандмани уште во осум наврати за да бидат вградени сите неопходни и институционални и идентитетски атрибути на една самостојна и суверена држава според стандардите на домашното и меѓународното право“, истакна премиерот Заев.

Претседателот на Владата се наврати на актуелниот миг и рече дека денес, кога одбележуваме и 30 години независна држава, Република Северна Македонија, како рамноправен партнер во најмоќниот безбедносен и политички сојуз НАТО, ги дели вредностите на Алијансата, а како кандидат за членство во ЕУ ги прифати и ги промовира европските вредности како резултат на слободно изразената волја на народот и низ политичките институции и дека преку отворен пристап покажавме волја за соработка со сите наши соседи и Северна Македонија започна да ја менува сликата за Балканот.

„Оваа година одбележуваме уште една годишнина – 20 години од Охридскиот рамковен договор. Меѓу амандманите на нашиот Устав донесени во овој период се и оние кои произлегоа од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Целта на овие измени беше да се засилат процесите на внатрешна интеграција на сите етнички заедници без асимилација и создавање основ за долготрајна меѓуетничка стабилност. На темелите на овие наши уставно прифатени вредности, нашата земја денеска во светот се препознава и по концептот „Едно општество за сите“, концепт за кој имаме неподелени признанија“, посочи премиерот Заев и уште еднаш се заблагодари за придонесот на пратениците од првиот состав на повеќепартиското Собрание во првите денови на испишувањето на новите страници на нашата независна и суверена држава.

Во име на пратениците на свеченоста во Владата се обратија Ѓулистана Марковска и Мухамед Халили.

Во своето обраќање во знак на благодарност за признанието, пратеничката од првиот состав на повеќепартиското Собрание Ѓулистана Марковска истакна дека без разлика на различната партиска припадност, пратениците од генерацијата 1991-1994 година имаа една заедничка ѕвезда водилка – иднината на Македонија како независна и просперитетна држава.

Пратеникот Халили нагласи дека првиот пратенички состав во плуралното Собрание има исклучителен придонес во хармонизирањето на меѓуетничките односи и во унапредувањето на правата на малцинските заедници кои беа остварени со поддршка на целиот народ во земјата.
 


Заев: Пратениците од првиот состав на повеќепартиското Собрание имаа огромен придонес во првите денови на испишувањето на новите страници на нашата независна и суверена држава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска на пратениците од првиот пратенички состав на повеќепартиското Собрание од 1991 до 1994 година, им врачи плакети со благодарност за нивниот исклучителниот придонес во создавањето и демократскиот развој на нашата земја.

Оваа свеченост е во рамките на програмските активности на Владата по повод 30 годишнината од независноста и во чест на донесувањето на првиот Устав на Република Македонија после успешниот референдум од 8 септември 1991 година.

Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Зоран Заев во целост:

„Ми претставува посебна чест да ве пречекам во Владата на Република Северна Македонија и да ви ги предадам плакетите со благодарност како израз на длабоката почит за вашиот исклучителен придонес како пратеници од првиот парламентарен состав на Република Македонија од 1991 до 1994 година, за создавањето и развојот на нашата независна и суверена држава. 

Во името на Владата и на граѓаните, Ви оддаваме признание и огромна благодарност за Декларацијата за самостојност, за одлуката за распишување на Референдумот, за воведувањето на плурализмот, за воспоставувањето на новите демократски институции, за изборот на првата демократска Влада, за првиот Устав на независната држава и за севкупната посветеност на изградбата на нашата заедничка татковина.
17-ти ноември 1991 година како ден кога беше усвоен Уставот на Република Македонија има посебно место во временската линија на развојот на нашата државност. Тој ден со златни букви ја испишува страницата од нашата историја за да се запамети дека во Собранието на Социјалистичка Република Македонија беше усвоен Уставот на Република Македонија, прв по прогласувањето на сувереност и самостојност на 8 септември, откако претходно беше усвоен нацрт-амандманот за бришење на атрибутот „Социјалистичка“ пред името на државата.

Врз основа на декларациите што му претходеа на референдумот и на првиот Устав на независна Република Македонија, оние за суверенитетот на земјата, за независноста и за меѓународното признавање, Уставот ја дефинираше Република Македонија како независна држава, чиј суверенитет потекнува од граѓаните и ним им припаѓа. 

Вие, пратениците од првиот состав на повеќепартиското Собрание сте креаторите на новата демократска и социјална држава којашто беше основана врз начелата на парламентарната демократија, на поделбата и независноста на трите власти, на владеењето на правото, на пазарната економија и на неприкосновеноста на приватната сопственост. 

Според сите стандарди на современите демократски држави.

Историјата уште запиша, а граѓаните ќе паметат, дека Вие, пратениците од првиот мандат на плуралното Собрание од 1991 до 1994 година го дадовте својот исклучителен придонес во процесот на градење на македонската парламентарна демократија, и во креирањето и донесувањето на сите останати неопходни државотворни акти и документи со кои јасно се трасираше патот за изградба на самостојна и независна држава.

Во Вашиот мандат, во мандатот на пратениците од првиот пратенички состав, покрај референдумот за независност и првиот устав на независна Република Македонија, беа утврдени и државната химна и знаме како темелни обележја на независната и суверена македонска држава.

Во трите декади што следеа по овој историски настан, Уставот на Република Северна Македонија, беше дополнет со амандмани уште во осум наврати за да бидат вградени сите неопходни и институционални и идентитетски атрибути на една самостојна и суверена држава според стандардите на домашното и меѓународното право.

Денес, кога одбележуваме и 30 години независна држава, Република Северна Македонија, како рамноправен партнер во најмоќниот безбедносен и политички сојуз НАТО, ги дели вредностите на Алијансата, а како кандидат за членство во ЕУ ги прифати и ги промовира европските вредности како резултат на слободно изразената волја на народот и низ политичките институции.

*

Денес, нашата држава има сосема извесна европска иднина со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани ослободени од стравовите и предрасудите на минатото.  Република Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Општество за сите.
Нашето место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани.

Со решителност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција и направивме пробив на меѓународен план и реализиравме една од стратешките цели - членството во НАТО. 
Нашето државно знаме развиорено во кругот на знамињата на нашите сојузници е силен говорник за реализацијата на една од нашите најважни стратешки цели за државата зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година.
Тоа е уште една голема одлука, одлука од посебен државен интерес којашто исто така беше донесена од Вас, пратениците на првиот повеќепартиски состав во Собранието.

Врз основа на таа стратешка одлука беше потврдено дека членството во НАТО е суверен израз на нашиот избор дека сакаме да бидеме дел од евро-атлантската заедница на демократии. Определба која што секогаш имала силна поддршка од јавноста, и уживала широк натпартиски и меѓуетнички консензус. Различни генерации на политичари, професионалци од јавната администрација и од војската со години беа посветени и се вградија во остварувањето на оваа наша заедничка стратешка цел.

За втората цел, членството во ЕУ, имаме безусловна одлука за старт на преговорите со Европската Унија.

Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија.  Имаме серија исклучително позитивни извешти од Европската комисија за реформскиот напредок. Според тие извештаи ние сме подобри од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат. Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни.
Сега Европската Унија има обврска да покаже на дело дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште реалност.  

Преку отворен пристап покажавме волја за соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба и успешната приказна на Северна Македонија која започна да ја менува сликата за Балканот.

Република Северна Македонија е препознаена како инспиратор на еден нов Балкан. Балкан достоен за 21 век. Балкан на пријателство и соработка и без предрасуди. 
Оваа година одбележуваме уште една годишнина – 20 години од Охридскиот рамковен договор, како и 80 години од народното востание. 

Меѓу амандманите на нашиот Устав донесени во овој период се и оние кои произлегоа од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Целта на овие измени беше да се засилат процесите на внатрешна интеграција на сите етнички заедници без асимилација и создавање основ за долготрајна меѓуетничка стабилност.

На темелите на овие наши уставно прифатени вредности, нашата земја денеска во светот се препознава и по концептот „Едно општество за сите“, концепт за кој имаме неподелени признанија. 

На крајот уште еднаш дозволете да ја изразам мојата најдлабока почит за вашиот огромен придонес во првите денови на испишувањето на новите страници на нашата независна и суверена држава.

Ви посакувам крепко здравје и во новата, како и во сите идни години што ќе следуваат.

Да ги поминувате спокојно и во радост со вашите најблиски и да бидете горди на вашето дело, како што ние сме горди и секогаш со почит ќе се сеќаваме на вашето учество во создавањето на независноста на нашата држава.

Во името на целиот наш народ и во име на Владата, ви благодарам.“