Ковачевски: Преку интензивна соработка со Бугарија ќе ја вратиме довербата меѓу граѓаните на двете земји

Премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање, во врска со утрешната посета на претседателот на бугарската Влада, Кирил Петков, изразувајќи задоволство, истакна дека средбата ќе биде искористена за разговори за иднината, проекти поврзани со економијата, образованието, иновациите, инфраструктурата и евроинтеграциите, важни за граѓаните на двете земји.

„Ние со господинот Петков нема да потпишуваме договори во однос на тоа што треба да работиме на полето на економијата, туку низ работа ќе ја врaтиме прво довербата меѓу граѓаните и тоа нема да го прават политичари во сите области.

Кога зборуваме за соработка во областа на економијата и во областа на трговијата, тогаш тука сметам на соработка помеѓу бизнис секторот, што значи дека ќе ги повикаме и стопанските комори на двете држави да соработуваат меѓу себе, кога зборуваме за соработка во областа на образованието тоа значи дека ќе ги повикаме и универзитетите да соработуваат помеѓу себе“, рече Ковачевски притоа посочувајќи дека овој начин на соработка се однесува и во однос на иновациите, инфраструктурата, новите бизниси како и соработката и размена на искуства во областа на културата.

„Тоа значи дека младите ќе треба да воспостават подобра комуникација меѓу себе и се надеваме дека на тој начин, создавајќи еден дијалог на ниво, со теми коишто го исполнуваат животот на луѓето, во однос на нивните очекувања и во однос на подобрувањето на тоа како живеат дека ќе надвладеат надисториските теми и дека врз основа на таков дијалог и на основа на таков разговор меѓу две добрососедски и две соседни држави базиран на европските вредности на почитување помеѓу сите граѓани, на почитување на достоинството на граѓаните на двете држави ќе успееме да дојдеме до решение“, оцени премиерот Ковачевски, денеска по приемот кај претседателот на државата Стево Пендаровски, каде ги претстави членовите на новата Влада.

Притоа Ковачевски нагласи дека е оптимист, односно како што подвлече за себе, рационален оптимист кој верува во решение меѓутоа и работи на остварување на тоа решение.