Викенди за претприемништво на јавните универзитети

На јавните универзитети во Македонија од овој и во наредните викенди ќе се организираат претприемачки викенди со цел студентите да се запознаат со можностите и начините како да развиваат бизнис-идеи и како нив да ги реализираат.

Првиот претприемачки викенд ќе биде претстојниот и ќе се одржи на Економскиот факултет во Скопје. На 27 април на Универзитетот на Југоисточна Европа, на 4 мај на Битолскиот универзитет, на 11 мај на Државниот универзитет во Тетово и на 18 мај на Универзитетот во Штип.

Министерот за образование и наука Панче Кралев на прес-конференција рече дека претприемништвото и малите и средните претпријатија се движечка сила на развиените економии и дека поради тоа младите треба да бидат подготвени самите да преземаат иницијатива што ќе го подобри и нивниот живот и конкурентноста на македонската економија.

- Сметавме дека мора да се преземат конкретни чекори за заживување на претприемачкиот начин на размислување кај македонскиот граѓанин. За таа цел го воведовме предметот Претприемништво во средните училишта, а од следната година планираме да го воведеме и во третиот циклус на основното образование. Важно е секој граѓанин да знае да ја преточи својата идеја во бизнис-план, така подобро ќе се запознае со пазарот, ќе ја унапреди самата идеја, ќе навлезе во финансиските пресметки и подобро ќе ги осознае шансите за успех, како и алтернативите и однапред смислени сценарија во случај ако не тргне работата според првичната замисла, истакна министерот Кралев.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски во име на сите јавни универзитети рече дека тие се соочуваат со глобалните предизвици и дека се свесни оти иднината е во новите идеи и иновации.

- Оваа манифестација им овозможува на студентите да ги презентираат своите знаења, умеења, идеи, иновации, креативност и претприемнички афинитети, да покажат што значи да се биде претприемач и поддршка во започнувањето сопствен бизнис, рече Стојковски.

Викендите ги поддржува компанијата Т-Мобиле која ќе обезбеди награди за најдобрите бизнис-планови. Жарко Луковски, главен извршен директор на Т-Мобиле, истакна дека тренд во светот се мали и средни фирми со мал број вработени кои се брзорастечки и од кои зависат и големите компании. Како пример го посочи „Фејсбук“ кој од идеја на еден човек стана глобална социјалната мрежа.

- Младите треба да ја земат својата иднина во свои раце, да не зависат од другите и да веруваат дека можат да направат, рече Луковски.