Министерот Попоски во Брисел се сретна со неговиот канадски колега Бард

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски во седиштето на НАТО во Брисел, на маргините на состанокот на Северно-атланскиот совет, синоќа имаше средба со канадскиот колега Џон Бард.

На средбата, соопшти МНР, биле нагласени одличните односи меѓу Република Македонија и Канада, како и заложбата тие и понатаму да се развиваат во позитивна насока.

Министерот Бард ја нагласил силната поддршка на Канада за што поскорешно членство на Република Македонија во НАТО. Во тој контекст, се заложил за координација со останатите земји поддржувачи на Македонија за полноправно членство во НАТО со цел изнаоѓање на брзо решение.

Шефот на македонската дипломатија Попоски истакнал дека Македонија останува посветена на интегративниот процес за полноправно членство во НАТО Алијансата. Истовремено, изразил очекување дека на Самитот во Чикаго нема да се повторат истите заклучоци од претходните самити, туку ќе се валоризира напредокот на Република Македонија и активното учество во НАТО-мисиите, притоа имајќи ја предвид и одлуката на Меѓународниот суд за правда во Хаг.

Во насока на продлабочување на односите меѓу двете држави, министерот Попоски предложил што поскоро потпишување на договорите за промоција и заштита на инвестиции и за воздушниот сообраќај.