Премиерот Груевски се сретна со албанскиот претседател Топи

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со претседателот на Република Албанија, г-дин Бамир Топи.

На средбата беше истакнато задоволство од интензивниот политички дијалог, кој укажува на нов квалитет и динамика во развојот на добрососедските односи меѓу Република Македонија и Република Албанија.

Претседателот Груевски ги истакна стратешките надворешнополитички приоритети на Република Македонија за интеграција во ЕУ и НАТО, како и активностите што се преземаат во тој контекст. 

Двајцата соговорници изразија жалење за неодамнешниот трагичен настан во кој беа убиени пет лица кај Смиљковци, при што истакнаа дека институциите треба да работат на изнаоѓање на злосторниците и нивно изведување пред лицето на правдата.

На средбата стана збор и за економската соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија, за која со оглед на предизвиците кои доаѓаат од европската должничка криза постои взаемен интерес да се интензивира. Во таа насока беше подвлечено значењето и потребата за интензивирање на патното и железничкото поврзување помеѓу двете земји во делот на Коридорот 8.

Двајцата соговорници заклучија дека Република Македонија и Република Албанија треба да продолжат со взаемната поддршка и соработка во сферите на европските и евроатлантските интеграции, со цел понатамошно зајакнување на стабилноста и развојот на целокупниот регион.