Министерката за одбрана, Петровска на вонреден НАТО министерски состанок во Брисел: НАТО е солидарен со Украина и обединет за одвраќање и одбрана на земјите членки

Министерката за одбрана Славјанка Петровска учествуваше на вонредниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, во Брисел.

Главни теми за дискусија беа руската инвазија на Украина и нејзиното влијание врз европската безбедносна инфраструктура, како и зајакнувањето на одвраќањето и одбраната на НАТО членките.

Во рамките на првата работна сесија, која се одржа заедно со Украина, Грузија, Финска, Шведска и Европската Унија,  министрите за одбрана на НАТО ја потврдија силната осуда за непровоцираниот и неоправданиот вооружен напад на Русија врз Украина и врз меѓународниот поредок. Дополнително, беше изразена силна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина како и побарување за повлекување на сите вооружени формации од Русија и воспоставување на мирот. НАТО членките и партнерите продолжуваат да обезбедуваат поддршка за Украина и да ги прифаќаат бегалците.

Во втората работна сесија, недвосмислено беше потврдена посветеноста на Алијансата како одбранбен сојуз, на клучниот принцип, а тоа е одвраќање и одбрана на сите земјите членки. Сите мерки и активности што се преземаат, претставуваат дел од одвраќањето и одбраната на Алијансата и во овој контекст беше и потврдена согласноста за зајакнато присуство на силите на НАТО во источниот дел на Алијансата.

„Од вонредниот состанок на НАТО министрите за одбрана, Алијансата испраќа 3 клучни пораки – дека светот се обединува во осудата на војната во Украина, дека НАТО продолжува со поддршката за Украина во нивната одбрана со помош за украинскиот народ и за сите бегалци, и дека клучната задача на НАТО е одвраќање и одбрана на сојузниците и за таа цел се распоредени дополнителни НАТО сили долж источниот дел на Алијансата“ изјави министерката Славјанка Петровска по состанокот на Северноатлантскиот совет.