Ковачевски: Со субвенционирање на цената на струјата граѓаните штедат во просек месечно 2.150 денари

„Цената на електричната енергија е покачена секаде за 4-5 пати, а некаде и повеќе. Она што Владата го направи, прво е зголемување на производството на електрична енергија во државата и тоа е зголемено. Второ, при правењето на буџетот за 2022 година оставивме резерва во буџетот во висина од 130 милиони евра за да може прво да се обезбеди ликвидност на енергетските компании во државата и тука пред се мислам на ЕСМ, МЕПСО меѓутоа и на ЕВН како еден од големите играчи во индустријата без кои нема да имаме дистрибуција на електрична енергија, а се работи за приватна странска компанија која се покажа солидарна во оваа криза", истакна премиерот Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за покачувањето на цената на струјата.

Премиерот Ковачевски додаде дека покрај овие мерки, Владата ја субвенционира цената на електрична енергија за граѓаните.
 
„Врз основа на тој концепт ние правиме субвенционирање на цената на електрична енергија за граѓаните во износ од некаде 80% што значи дека доколку не е тоа субвенционирање цената на електричната енергија која граѓаните ја плаќаат би била во просек месечно поголема за 2.150 денари", подвлече премиерот Ковачевски и рече дека истиот пример треба да го следат и општините, кои во време на криза треба и да штедат.
 
„Во однос на општините тие исто така имаа можност да ги направат буџетите така како што го направивме државниот буџет со резерви за електрична енергија, со намалување на непродуктивни трошоци, бидејќи да не заборавиме државата ги намали тековните трошоци при планирањето на буџетот за 2022 година за 8%, а исто така со одлука на Влада се ограничени сите купувања на мебел, автомобили и така натаму што исто така влијае на намалување на несуштински трошоци. Трошоците за репрезентација се намалени за 50% и намален е бројот на службеници што патуваат во странство", објасни премиерот Ковачевски.