Ковачевски-Едштадлер: Сега е совршен тајминг за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на маргините на неговата работна посета на Република Грција, по повод учеството на Економскиот форум Делфи, оствари средба со австриска министерка за европски прашања, Каролин Едштадлер.
 
Премиерот Ковачевски и австриската министерка за Европа Едштадлер го изразија взаемното задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји која се изразува и во недвосмислената поддршка на Австрија за евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија.
 
Австрија е еден од најголемите инвеститори во земјата со преку 45 компании присутни на пазарот во нашата земја, потенцираше на средбата премиерот Ковачевски, и додаде дека оптимистички делува и најавениот интерес на австриските компании да вложуваат во секторите енергија, градежништво, банкарство и осигурување.
 
Премиерот Ковачевски и министерката Едштадлер разговараа за можностите дополнително да се поттикне економската соработка меѓу двете земји за што потенцијал се гледа и во постојаниот раст на трговската размена која минатата година достигна 200 милиони евра со што е забележан раст во однос на 2020 година кога трговската размена оствари вредност од 176 милиони евра.
 
Во однос на заедничкиот интерес за прашањата за интеграцискиот процес на Северна Македонија, премиерот Ковачевски на средбата истакна дека сега е совршениот тајминг за итно забрзување на процесот за отворање на пристапните преговори за Северна Македонија, затоа што на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан треба да се гледа од геополитички аспект, како безбедносно прашање клучно за стабилноста и просперитетот на регионот и на Европа.
 
Северна Македонија, нагласи премиерот Ковачевски, постигна 100% усогласеност со надворешната политика на ЕУ, и како кредибилен партнер ги споделува истите вредности на слободниот и демократски свет.
 
Северна Македонија ја осуди руската агресија на Украина и заедно со земјите членки на ЕУ и НАТО, неиспровоцираната и неоправдана војна на територијата на една суверена држава ја оцени како најсериозна закана за европската безбедност по Втората светска војна, која нанесе огромно страдање на украинскиот народ.

На средбата меѓу претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски и австриската министерка за европски прашања Каролин Едштадлер беше изразено задоволството на двете земји во соработката на безбедносните прашања со постојната поддршка на австриските полицајци во процесот на надзорот и контролата на македонската јужна граница, како и од помошта со противпожарни сили за време на летните пожари во Северна Македонија во 2021 година.