Македонија добива 100 милиони долари од Светска банка за поддршка на развојната политика

Светска банка искажа подготвеност да ја поддржи развојната политика на Република Македонија со 100 милиони долари за развој на конкурентноста и поддршка на реформите во економијата, здравството, образованието и социјалната сфера. Со ова, како што соопшти Министерството за финансии, Светска банка докажа дека е сигурен и постојан партнер на патот на економскиот и општествен развој на Македонија.

Претставниците на Светска банка и на ММФ, со кои се сретна вицепремиерот и министер за финании Зоран Ставрески во Вашингтон, го поздравија и навремениот ребаланс на буџетот согласно актуелните случувања со должничката криза во Европа со што ќе му се помогне на стопанството во Македонија. Исто така, истакнаа дека поволните услови под кои реномирана европска банка како Дојче банка и одобрила кредит од 250 милиони евра на Македонија се потврда за добриот имиџ кој македонската економија го има на меѓународниот пазар на капитал.

Во рамки на пролетните среби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, вицепремиерот Ставрески оствари средби со извршниот директор на ММФ Мено Снел, потпретседателот на Светска банка Филип Леру и директорката за Македонија во Светска банка Џејн Армитаџ.