Тодоров: Нови возила за пренос на пациенти во клиниките

Министерството за здравство распиша тендер за набавка на две возила за интерклинички транпорт на пациенти кои ќе бидат опремени со носилка, боца за кислород, сталак за инфузија и целосно климатизиран простор за пациентот, соопшти денеска министерот за здравство Никола Тодоров.

Тендерот е веќе распишан, отворањето на понудите е на 8 мај, а 30 дена е рок на испорака на возилата.

- Нашата цел е пред се да го подигнеме квалитетот на услугата за преносот  на пациентите меѓу клиниките, нивниот третман и грижа и да им овозможиме подобри здравствени услуги, рече на денешната прес-конференција Тодоров.

Тој појасни дека ќе се функционира преку  телефонско закажување на термин, а клиниките  сами ќе го резервираат терминот кога возилото треба да дојде за да го земе пациентот, како и термин кога ќе треба да го врати.

- Во тек се активности за воспоставување меѓусебна комуникација  и координација меѓу клините и диспечерскиот центар, кој ќе им дава насока каде да се движат возилата според закажаните тремини, додаде Тодоров. 

Според него, овој проблем датира од самиот почеток со работа на клиничкиот блок во Скопје и повеќе од 50 години пациентите во клиничкиот блок се пренесуваат од една во друга клиника на носилка, во различни временски услови.

На овој начин, како што рече, не само што дополнително се усложнуваше здравствената состојба на пациентите, туку и сериозно се нарушуваше нивната приватност.