Во експозето по повод првите 100 дена од работата на Владата, премиерот Ковачевски на тематската седница истакна дека во услови на една од најголемите светски кризи направени се максимални напори за зголемување на домашното производство на основни суровини на храна и се обезбедени потребните количини од увоз.
„Со усвоениот сет мерки, со интервентниот фонд и со „Националниот план за производство на храна“, даваме силна поддршка на земјоделците и на граѓаните и овозможуваме навремено снабдување со основните суровини за производство на храна, со ѓубриво за сеидба и прихрана, семенски материјал и „зелена нафта“. Целта е со оваа поддршка да се справиме со светската криза, но и да станеме увозно независни со достапна и поевтина храна”, подвлече премиерот Ковачевски.
Тој истакна дека со Националниот план за производство на храна во вредност од 400 милиони денари e поддржано домашното производство на стратешките земјоделски производи преку краткорочни и долгорочни мерки. Како што информираше, издвоени се 250 милиони денари за Програмата за интервентен фонд за мерки за помош на земјоделците со кои се намалуваат производствените трошоци и се зголемува домашното производство на земјоделско-прехранбени производи.
Премиерот информираше и дека е објавен наменски оглас за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп, односно речиси 6.000 хектари се ставаат на располагање на земјоделците за производство на стратешки култури како што се пченицата, пченката, јачменот и сончогледот. Како што подвлече, променет е и моделот на исплата на државните субвенции во интерес на земјоделците, односно согласно европските регулативи, сега е предвидена предвремена, авансна исплата, тогаш кога финансиските средства им се најпотребни на земјоделците.
Во промоцијата на постигнувањата на Владата и министерствата, премиерот истакна дека високо на листата на приоритети на Владата е професионализацијата на администрацијата. За таа цел, како што подвлече, се финализираат новите закони за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници и законот за висока раководна служба.
Во своето обраќање премиерот истакна дека е во тек и пилот програмата за реорганизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво, чија цел е воведување на јасни линии на отчетност, нова хиерархиска поставеност и запазување и разграничување на функциите: креатор на политики, имплементатор и надзор.
Подобрена испорака на услуги до граѓаните и до приватниот сектор и зголемување на транспарентноста и отчетноста секојдневно се развива со дополнување на листата на јавно достапни електронски услуги на Националниот портал uslugi.gov.mk.
Воедно, како што истакна премиерот Ковачевски, со подготовката на новиот општ колективен договор за јавниот сектор, целта е да се обезбеди усогласување на платите со растот на минималната плата. Од социјалниот дијалог меѓу партнерите треба да произлезе нова методологија за пресметка на платите, отворање на процесот за реформи во јавниот сектор за оптимизација и рационализација, како и дизајнирање на нов закон за плати во јавниот сектор.