Реализацијата на капиталните проекти, преку изградба и реконструкција на патната мрежа, комуналната инфраструктура и железницата, останува силен фокус на Министерството за транспорт и врски.
Во 100-те денови од Владата, се заврши со изградба на втората фаза од експресниот пат Штип-Радовиш инвестиција од 23 милиони евра.
Исто така завршени се сите инфраструктурни проекти на автопатот Кичево - Охрид кои беа неохподни за продолжување на сите дополнителни работи со што се овозможи силен фронт за работа на терен. Активно се работеше и на изградба на автопатската делница од Граничниот премин Блаце до село Блаце.
Во делот на експресните патишта интензиво се работеше на експресниот пат Градско-Прилеп, потоа од Курпиште до Кочани и експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, со вкупна инвестиција од 135 милиони евра.
Во овој период започнавме со изградба на регионалниот пат Извор до Гарски мост, реконструкција на превојот Плетвар, како и рехабилитација на неколку други патни правци.
Со проектот за „Поврзување со локални патишта”, распишавме јавен повик за рекнструкција на 17 локални улици во 10 општини со вкупна инвестициона вредност од 5 милиони евра.
Во делот на комуналната инфраструктура, за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните започнавме реконструкција на водоводи и канализациони системи во Кавадарци, Гевгелија, Штип, Валандово, Струмица и Крива Паланка. Континуирано се работи на реконструкција на водоводни и канализацони линии и во други општини преку заемот од Европската Инвестициона Банка. Интензивно се гради и браната Отиња.
За згрижување на социјално ранливите категории граѓани, во првите 100 дена, започнавме со изградба на социјални станови во Пехчево и Сарај, а ги завршивме социјалните згради во Неготино и Демир Капија. Започнавме со распределба на 70 станови во Гостивар.
Во рамките на преговорите на мешовитите комисии меѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Бугарија, ги зголемивме квотите за дозволи за и од трета земја со што го унапредивме товарниот транспорт и ја воведовме авиолинијата Софија-Скопје.