Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска по повод 1 мај - Меѓународниот ден на трудот, одржаа средба со претставниците на синдикатите во Владата на Република Северна Македонија, на која се разговараше за сите прашања кои се во насока на унапредување на работничките права.
Претходно, вицепремиерот Битиќи и министерката Тренчевска излегоа на првомајскиот марш организиран од страна на синдикатите, кој традиционално во знак на одбележување на 1 мај - Меѓународниот ден на трудот се одржува секоја година.
Пред присутните членови на синдикатите, вицепремиерот Битиќи честитајќи го 1 мај - Меѓународниот ден на трудот, порача дека нашиот највреден ресурс е човечкиот.
„Нема повредно и поважно што треба да се заштити од човечкиот капитал затоа ја поддржувам и ја продолжуваме борбата за работничките права. Оваа недела ќе ги продолжиме преговорите за општиот колективен договор како и за усогласувањето на платите со минималната плата, кое ќе се случи. Но да продолжиме да зборуваме и за унапредување на правата и заштитата на здравјето на работното место. Да зборуваме гласно и да се бориме за еднакви можности за сите и еднакви шанси за жените и мажите. Заедно со нашите социјални партнери преку дијалог, како и досега, ќе продолжиме да креираме системски решенија кој ќе не носат кон развој!“, рече Битиќи.
Министерката Тренчевска, пред сѐ им го честиташе 1 мај - Меѓународниот ден на трудот на сите работници со порака дека трудот на работникот мора да се почитува и вреднува. Таа се осврна на достигнувањата на оваа Влада изминатиот период, како минималната плата, недела - ден на неделен одмор, подготовката на новиот Закон за работни односи, како и започнатиот дијалог за раст на платите во јавниот сектор преку воспоставување на нова методологија за раст на платите.
„Ветивме минимална плата. И денес нема плата пониска од 18.000 денари. Ветивме недела - ден на неделен одмор и денес 92% од работниците одмораат во недела. А оние кои работат во недела поради техничко-технолошкиот процес, работат во недела земаат 50% дополнително од нивната дневница, додека пак оние во трговијата зголемена дневница за 100%“, рече Тренчевска.
Министерката порача дека оние работодавачи кои не работат согласно Законот, ќе се соочат со санкции, Државниот инспекторат на труд е на терен и секое непочитување на законот, а кое значи кршење на работничките права, ќе биде санкционирано.
Сите решенија кои ќе се однесуваат на работниците, ќе се носат низ социјален дијалог, затоа што заеднички се носат најодржливите решенија кои ги засегаат работниците, беше пораката која ја упатија вицепремиерот Битиќи и министерката Тренчевска.