Од прес-конференцијата на портпаролите: Скокот за 33 места на индексот за слобода на медиумите е доказ за демократскиот капацитет на Владата

Портпаролите на Владата Муамет Хоџа и Душко Арсовски на денешната редовна прес-конференција информираа подетално за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 42 седница на Владата на Република Северна Македонија и одговараа на новинарски прашања од интерес на јавноста.

Портпаролите информираа дека Владата ги прифати предлозите  на Главниот координативен кризен штаб утврдени според препораките на Комисијата за заразни болести. Согласно овие предлози, Владата донесе заклучок според кој престануваат да важат сите рестриктивни мерки освен задолжителното носење заштитни маски во здравствените установи, аптеките, во установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост, како и во јавниот превоз.

На денешната прес-конференција портпаролите информираа дека Владата ја разгледа и усвои информацијата за потребата од прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III - споменик на природата. За таа цел Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено да спроведе јавна расправа до 30 јуни годинава, врз основа на што ќе се изготви конечен предлог.

Оваа иницијатива, како што беше истакнато, е согласно препораките на УНЕСКО за да се овозможи: заштита на Охридското Езеро, зачувување и одржливо користење на природните вредности, назначување на субјект за управување кој ќе се грижи за заштитеното подрачје и донесување на план за управување согласно одредбите од Законот за заштита на природата. Со прогласувањето ќе се постигне прогрес во однос на имплементација на националната легислатива за заштита на природата, како и низа обврски од директиви на ЕУ и повеќе меѓународни конвенции.

На прес-конференција беше истакнато дека Владата на Република Северна Македонија во изминатите пет години покажа исклучителен демократски капацитет и почит кон медиумите и медиумските работници. Доказ за овој напредок е и скокот за 33 места на индексот за слобода на печатот објавен во извештајот за 2022 година на „Репортери без граници“. Според најновиот извештај, од 90 место нашата земја се искачи на 57 место. Владата, како што беше подвлечено, продолжува да ја негува слободата на медиумското изразување и заедно со новинарите, медиумските работници и граѓаните придонесува во градењето на слободно и демократско општество.

На медиумскиот интерес кога ќе се отвори македонски клуб во Благоевград, што го најави премиерот Ковачевски, портпаролите информираа дека Премиерот најави дека планира директно да го информира колегата Петков дека Владата на Република Северна Македонија во текот на оваа година има намера да отвори нов културен центар во Благоевград, а името на центарот ќе биде определен во комуникација со Институтот за историја.