Премиерот Димитар Ковачевски, на покана на Универзитетот Американ Колеџ, каде што беше шеф на катедрата за маркетинг на Факултетот за деловна економија и организациони науки пред да ја преземе функцијата Претседател на Владата на Република Северна Македонија, одржа почесно предавање на тема „Анализа на економските придобивки и ефекти од зачленувањето во Европската Унија“, по повод 9 мај – Денот на Европа.
Премиерот Ковачевски во своето предавање пред студентите истакна дека иако почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ е одложен после одлуката на Брисел од 20 март 2020 година за безусловно одржување на Меѓувладината конференција за почеток на пристапниот процес за членство во ЕУ, тоа и понатаму е приоритетна задача за целиот тим на Владата.
„И во овие услови на опструкции во последните три години, Северна Македонија бележи интензивен напредок во делот на евроинтеграциите и доаѓа време тоа да се верификува. Знаеме дека брзината на нашиот напредок ќе зависи од динамиката на реформите, односно од брзината и степенот до кој општеството како целина ќе се вклучи во тие процеси и ќе се реформира“, нагласи Ковачевски.
Претседателот на Владата потенцираше дека зачленувањето во ЕУ за земјата која станува членка носи придобивки од секој аспект, а од искуствата на земјите кои станале членки во ЕУ, видливо е зголемување на економската активност, зголемување на трговијата, повисоки странски инвестиции и поголема вработеност.
„Покрај зголемувањето на економската активност и подобрените економски индикатори, членството во ЕУ вообичаено претпоставува и подобро владеење на правото, политичка стабилност, квалитет на регулативите, пониско ниво на корупција и висок капацитет на институциите и квалитетни услуги за граѓаните“, посочи премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски за време на почесното предавање за придобивките од членството во ЕУ говореше низ компаративната анализа на искуствата на земјите кои станаа членки на ЕУ во мај 2004 година - Полска, Чешка, Унгарија, Естонија, Латвија, Литванија, Словачка, Словенија, Кипар и Малта, за Бугарија и Романија кои станаа членки во јануари 2007 година, како и за Хрватска, која стана членка на ЕУ во јули 2013 година.
Ковачевски посочи дека Членството во ЕУ кај овие земји донесе повисоки стапки на економски раст, значително ја намали невработеноста, донесе повисоки странски директни инвестиции, ја подобри конкурентноста, надворешно-трговската размена и влијаеше на зголемувањето на стандардот на граѓаните и на очекуваниот животен век.
Претседателот на Владата Ковачевски потенцираше дека генерацискиот успех на нашата земја со членството во НАТО, треба да биде поттик за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.