Шаќири учесник на Меѓународниот самит за наставничката професија во Валенсија

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири учествува на Меѓународен самит за наставничката професија кој од 11ти до 13ти мај се одржува во Валенсија, а го организира шпанското Министерство за општо и стручно образование и обука во соработка со Организацијата за економска соработка и развој - OECD и Education International - најголемата глобална организација составена од синдикати на наставници од целиот свет. 

Оваа година самиот кој ги обединува министрите за образование и синдикалните лидери во областа на образованието од земјите кои имаат развиени системи за образование со високи перформанси или покажуваат брз напредок согласно резултатите од ПИСА, се фокусира на следните активности кои по пандемијата со Ковид - 19 треба заеднички да ги преземат владите и образовните синдикати за се намалат последиците по однос на знаењето и развојот на младите. 

Предвидени се панел дискусии посветени на примената на дигиталните технологии и алатки во училиштата чија важност се потврди особено во изминатиот период кога поради ширењето на заразата наставата се организираше онлајн. За време на самитот ќе се дискутира и за потенцијалот на образовните системи да придонесат кон градење на поинклузивни заедници и општества, имајќи предвид дека во изминатите две години токму училиштата ги обединуваа учениците, родителите и наставниците да работат заедно на изнаоѓање и примена на нови форми на учење кои притоа нема да го доведат во ризик јавното здравје. Воедно, панелистите ќе дискутираат и за улогата на наставниците и училишните заедници во обезбедувањето одржлива иднина. 

Размената на искуства помеѓу учесниците на самитот ќе им помогне на државите да ги дефинираат идните политики за подобрување на квалитетот на националните образовни системи и за прилагодување кон новото време на неизвесност и предизвици. 

Министрите за образование, синдикалните лидери и другите учесници на самитот, под водство на шпанската министерка за образование Пилар Алегриа Континенте ќе посетат 6 училишта од основното и од различни области од средното образование и да бидат запознаени со сите карактеристики на шпанскиот образовен систем.

Ова е дванаесетто издание на Меѓународниот самит за наставничката професија кој во континуитет се организра од 2011 година.