Ковачевски - Столтенберг: Отворени врати за нови членки во НАТО е вредност која треба да се продолжи

Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во кој ја изрази неговата поддршка и поддршката на Владата на Република Северна Македонија за покажаното лидерство и продолжувањето на мандатот на генералниот секретар во овие исклучително сложени околности предизвикани од воената агресија на Русија на Украина.

За време на разговорот премиерот Ковачевски го нагласи единството и одлучниот одговор на Алијансата на неиспровоцираната војна во Украина и едногласноста во поддршката на сувереноста и територијалниот интегритет на Република Украина и на нејзиното неприкосновено право на самоодбрана на нејзините меѓународно признаени граници.

Република Северна Македонија, истакна Ковачевски во разговорот со генералниот секретар Столтенберг, го дава максимално својот придонес во одговорот и политиките на НАТО во однос на ова прашање и останува и понатаму посветена да ја помага Украина во делот на координираните активности со Алијансата, како и во прифаќање на бегалците од оваа земја.

Како израз на силна поддршка на политиката на отворени врати, премиерот Ковачевски во разговорот со Столтенберг ја поздрави иницијативата на Шведска и Финска да станат членки на НАТО и потенцираше дека Северна Македонија ќе ја забрза постапката за одобрување на приемот во членство во Алијансата на овие две земји.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во разговорот со Ковачевски ја поздрави поддршката на Северна Македонија за итен прием на Шведска и Финска во НАТО, и го потенцираше успехот на воената вежба „Брз одговор 22“ (Swift Response 22), што ја потврди нашата земја како вреден партнер на Алијансата.