Премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со дел од членовите на одборот на директори на организацијата „Македонија2025'', Мајк Зафировски, Васко Кроневски, Кати Ицева како и со извршната директорка Никица Мојсоска Блажевски. На средбата присуствуваа и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска како и министерот за економија Крешник Бектеши.
Во фокус на средбата во пресрет на Самитот на „Македонија2025'', беше истакната важноста од заедничката соработка на сите општествени чинители со особен акцент на важноста од дигиталната трансформација, интензивирање на јавно приватното партнерство, како и странските директни инвестиции сè со цел остварување на одржлив развој и повисоки стапки на економски раст.
Премиерот Ковачевски на состанокот истакна дека потребен е континуитет во клучни процеси кои треба да водат кон економски напредок, достапни наменски фондови, обука и едукација за реализација на проекти за успешна дигитална трансформација.
На средбата се дискутираше и за стратешкиот дијалог меѓу САД и Северна Македонија, кој ќе се одржи на 2 јуни во Вашингтон на кој ќе бидат опфатени теми од билатералните односи, но и оние кои се од значаен глобален интерес. Во фокусот ќе бидат прашања од областа на одбраната и економската соработка, трговијата и инвестициите, но ќе се опфатат и прашањата од доменот на образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борбата против корупција, владеењето на правото.
На состанокот беше дискутирано и за Платформата за просперитетна иднина и седумте приоритети кои се опфатени во истата, како вложувања во образование и зајакнување на човековиот капитал, иновации, инвестиции, подобрување на деловниот амбиент, демократија, борба со корупцијата и грижа за животната средина како и дигитализацијата на процесите.
Премиерот Ковачевски на средбата подвлече дека зајакнување на соработката со организацијата „Македонија2025", со македонската деловна заедница надвор од земјата е од голема важност во привлекување нови инвестиции, трансфер на искуства како и примена на нови трендови кои можe да ја поттикнат домашната економија.
Беше заклучено дека само со заедничко делување на општествените чинители, како и со поддршка на стратешките партнери можеме да постигнеме повисоки стапки на економски раст.