Владата и „Four Paws International“ ќе соработуваат на подобрување на заштитата на дивите животни во земјата

Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија Методија Димовски денеска се сретна со Иона Данглер, директорка на одделот за диви животни во „Four Paws International“, Барбара Ван Џин меѓународен директор на секторот „Wild animals rescue & Advocasy" во оваа организација и Тина Мицковска, активист за правата на животните. 
 
На средбата гостите изразија голем интерес за начинот на заштита на дивите животни во Северна Македонија и укажаа на проблемот со илегална трговија со нив, како и на потребата од создавање легална рамка за заштита и благосостојба на дивите животни во земјата.
 
Генералниот секретар на Владата, Димовски истакна дека легислативата на нашата земја во голем дел е усогласена со легислативата на Европската Унија и дека земјата е потписник на меѓународните договори и конвенции што ги допираат овие теми.
 
Димовски изрази уверување дека Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и Парламентот интензивно ќе се ангажираат за унапредување на легислативата за заштита на дивите животни.
 
На средбата беше оценето дека во најскоро време ќе биде креиран меморандум за соработка меѓу Владата, ресорните министерства и „Four Paws International“ и дека ќе се работи на унапредување на легислативата за заштита на дивите животни како и на создавање на спасувачки центри (резервати) за кафената мечка.