Шаќири: Во Долно Блаце градиме училиште, од септември децата повеќе нема да учат во соседно Косово

Од септември годинава децата на училишна возраст од селото Долно Блаце во општина Чучер Сандево повеќе нема да посетуваат настава во друга држава, односно во погранично место во Косово каде им е најблиското училиште, туку ќе учат во објект во нивното родно место кој сега го градиме и активностите се речиси завршени. Со оваа инвестиција ставаме крај на еден апсурд и на една неправда за наши ученици на кои државата треба да им обезбеди услови за настава, а не да ги приморува да учат надвор од нејзините граници. 

Ова го изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на денешната посета на населбата Барди во Долно Блаце каде со буџет од 4,7 милиони денари, Министерството за образование и наука гради подрачен објект на основното училиште „Михал Грамено“. 

Новиот објект со работа ќе започне од идната учебна 2022-2023 година и ќе значи решение на проблемите со кои се соочуваат децата од ова населено место кои со години посетуваат настава во училиште кое се наоѓа од другата страна на границата со Косово, поточно во  н.м. Хани Елези. 

„Активностите привршуваат. Имаме договор со изведувачот на градежните работи според кој до крајот на овој месец, објектот ќе биде целосно изграден, а потоа ќе пристапиме кон внатрешното опремување. Од септември, дечињата од Барди ќе се радуваат на новите простории и на тоа што нема повеќе да патуваат преку граница, а родителите ќе бидат многу поспокојни“, рече Шаќири, кој беше во придружба на градоначалникот на општина Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ. 

Изградбата на училишниот објект како соодветно решение за овој долгогодишен проблем, започна кон крајот на 2021 година.