Битиќи од Кралството Данска: Јакнењето на вредносните ланци во регионот носи компетитивна предност за нашите земји како и зголемена предвидливост и стабилност за инвеститорите

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи е во дводневна посета на Копенхаген, Кралството Данска со цел промоција на инвестициските поволности во нашата земја, како и средби со нашата бизнис дијаспора во Данска, која може да биде вистински економски поттик за инвестиции во нашата земја.

Во текот на денешниот ден вицепремиерот Битиќи оствари неколку билатерални средби со менаџментот на големи дански компании и успешни компании на нашата дијаспора. Од страна на Кабинетот беа презентирани можностите за инвестирање а се зборуваше и за зајакнување на вредносните ланци и пренесување на истите од далечните источни земји блиску до границите на Европската Унија.

Ова, како што истакна вицепремиерот Битиќи ќе донесе зголемена додадена вредност и компетитивна предност за нашата земја но и инвеститорите, кои нема да се соочат повторно со сегашната ситуација на кршење на ланците на добивка а со тоа нарушување на стабилноста и предвидливоста на пазарот.
Вицепремиерот Битиќи на средбите ја истакна нашата посветеност кон евроинтегративниот процес како и заложбата за зголемување на регионалната конкурентност и засилување на вредносните ланци, имајќи го предвид целиот Западен Балкан.  

Во текот на првиот ден од посетата, вицепремиерот Битиќи, се сретна и со државниот секретар за трговија на Данска, Стен Хомел со кого разговараа за можностите за продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји како и зголемена промоција на нашата земја како поволна дестинација за инвестиции на данските компании.

Државниот секретар, Хомел изрази поддршка како и отворени врати за дијалог и понатамошна соработка во приближување на економските интереси на двете земји како и размена на искуства и знаење во областа на дигитализација и трансфер на знаења во технолошките процеси на производство.