Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска учествуваше на Меѓународната конференција за миграција „Луѓе во движење. Државјанство, идентитет и развој“, организиран од Универзитетот Мајка Тереза, Скопје.
На конференцијата министерката Тренчевска даде краток осврт на едно од прашањата кој ги засегаат сите држави во светот а особено емиграционите држави во кој се вбројува и Република Северна Македонија.
„Во 2020 година, речиси 281 милион луѓе живееле во земја различна од нивната родна земја, што е за 128 милиони повеќе од претходните 30 години. Пандемијата предизвикана од COVID-19 го намалил растот на бројот на меѓународни мигранти за околу два милиони. Европа во моментов е најчестата дестинација за меѓународните мигранти, со 87 милиони мигранти (30,9%) од целокупната меѓународната популација на мигранти. Повеќето меѓународни мигранти (околу 78%) биле на работоспособна возраст (помеѓу 15 и 64 години),“рече Тренчевска.
Таа посочи дека, во моментов во светот има поголем број на мажи отколку жени меѓу меѓународните мигранти, а јазот се зголеми во текот на изминатите 20 години. Најновите проценки укажуваат дека во 2019та година ширум светот имало околу 169 милиони работници-мигранти, што претставува речиси две третини (62%) од (тогаш) 272та милиони меѓународни мигранти на глобално ниво. Во контекст на нашата држава според статистика на ОН се проценува дека во периодот меѓу 1990 и 2019 година, повеќе од 200.000 Македонци заминале во странство за подобар живот, со што вкупното иселување достигна неверојатни 32% од вкупното население.
„Македонскиот пазар на труд функционираше сосема добро во минатата деценија. Иако стапката на учество бавно растеше, стапките на вработеност и невработеност покажаа значајни подобрувања. Стапката на вработеност (15-64) порасна од 44% во 2011 година на 54,7% во 2019 година, додека стапката на невработеност (15-64) опадна од 31,9% на 17,5% во истиот период. Младите, кои се соочуваа со разни пречки на пазарот на труд, сега се соочуваат со поповолни услови, кои сепак се далеку од условите што постојат во ЕУ-27. Стапката на невработеност на младите опадна од 55,5% во 2010 година на 35,8% во 2019 година,“ рече Тренчевска.
Таа го истакна напредокот во реформата на системот за стручно образование и обука, со фокус на квалификациите, учењето преку работа и признавањето на неформалното учење.
„Реформите овозможија вештините на лицата образувани преку Стручно образование и обука да бидат релевантни и да ги одразуваат барањата на пазарот на труд, но исто така ја зајакнаа нивната способност да заработуваат повисоки плати. Во насока на зголемување на мобилноста на работната сила во изминатиот период се ефектуираа одредени иницијативи како што е и иницијативата за Отворен балкан, од која бенефитот треба да се очекува во наредниот период,“ истакна Тренчевска.
Таа посочи дека, дефицитот на работна сила во одредени сектори може да се задоволи преку подобрување на условите за странски работници и поедноставување на законските процедури.
Притоа, го истакна значењето на академската јавност во процесот на градење на една конзистентна и одржлива миграциона политика на државата. Како и важноста на имплементацијата на Владината Национална стратегија за соработка со дијаспората и донесената резолуција за миграциона политика.