Отворен Балкан отвори нови можности за соработка во туризмот, културата, образованието и даночните политики

Лидерите на земјите од „Отворен Балкан“, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија Еди Рама, денеска во Охрид, на Самитот на „Отворен Балкан“, заедно со владините претставници и делегации на трите земји ги потпишаа документите за соработка во областа на образованието, културата, туризмот и од областа на даночната политика.

Трите држави го потпишаа Договорот за соработка на Западен Балкан во полето на взаемно признавање на дипломи и научни титули издадени во високообразовните институции и други овластени институции. Со одредбите се забрзува постапката за прифаќање на дипломите и професионалните звања, со што се поедноставува и олеснува процедурата, како исклучителна придобивка за граѓаните од регионот со позитивни импликации за заедничкиот пазар на трудот.

Договорот го потпишаа претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија Еди Рама.

На самитот “Отворен Балкан“ во Охрид денеска беше потпишан Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот.

Со овој меморандум, кој го потпишаа министерот за економија на Владата на Северна Македонија Крешник Бектеши, министерката за туризам и животна средина на Албанија Мирела Кумбаро-Фурчи и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ, се предвидуваат активности за заедничка промоција на регионот како атрактивна туристичка дестинација.

Една од целите на Меморандумот за соработка во културата, што денеска го потпишаа министерката за култура на Северна Македонија Бисера Костадинова-Стојчевска, Елва Маргарити, министерка за култура на Албанија и Маја Гојковиќ, вицепремиерка и министерка за култура и информирање на Србија, е креирање на заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам.

Со Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот, што денеска исто така беше потпишан на самитот „Отворен Балкан“ во Охрид се создаваат нови можност за полесно прекугранично движење на луѓето, стоките или услугите.

Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации во Западен Балкан го потпишаа директорката на Управата за јавни приходи на Северна Македонија Сања Лукаревска, директорка на даночната управа на Србија Драгана Марковиќ, и директорот на Генералниот директорат за даноци на Албанија Цено Клоси.

На потпишувањето на документите од трите држави-иницијатори на „Отворен Балкан“, во рамки на самитот во Охрид, претходеа неколку панел сесии, на кои се обратија лидерите, претставници на меѓународната заедница, на стопански комори и на разни други институции, на кои беше истакнато дека земјите од Западен Балкан се тесно поврзани и дека нивната соработка е поттик за унапредување на регионалната соработка и за напредок на секоја земја одделно.