Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, денеска преку конференциска врска се обрати на четвртата меѓународна конференција за спречување на перење пари и финансирање тероризам на тема „Нови рестриктивни мерки – ефектите и искуствата од регионот”, организирана од Академијата за банкарство и информатичка технологија и Институтот Хајделберг во Скопје.
Во своето обраќање вицепремиерката Грковска истакна дека Владата во изминатите неколку години активно работи на преземање мерки и активности за спречување на корупцијата и криминалот, во секоја сфера од општеството, вклучително и на мерки за сузбивање на меѓународниот криминал и тероризам. За таа цел е усвоена Националната стратегија за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам 2021 – 2024.
„Борбата со високата корупција и организираниот криминал, неминовно ја наметнува потреба од постојано стратешко зајакнување и унапредување на капацитетите на националните институции, како и нивна континуирана координација во следењето на протокот на финансиите, откривање на евентуално прикривање и трансфер на нелегално стекнат имот. Во таа насока се надгради Националната стратегија за јакнење на капацитетите за водење на финансиски истраги и конфискација на имот. Воспоставивме јасни механизми за соработка меѓу сите надлежни институции и ги охрабривме и граѓаните и медиумите да зборуваат јавно и гласно, затоа што само така ќе имаме владеење на правото и функционални институции“, потенцираше Грковска.
Пред присутните на конференција Грковска нагласи дека клучен предуслов за уште поуспешна борба против корупцијата, перењето пари и организираниот криминал е дигиталната трансформација на општеството.
„Главен приоритет на мојот Кабинет е поттикнување на сеопфатна дигитализација за ефикасно и професионално функционирање на институциите како и зголемено и поефикасно користење на Националната платформа за интероперабилност. Со дигиталната трансформација податоците ќе бидат достапни во истиот момент, што на сите институции ќе им овозможи полесно и побрзо детектирање на сите неправилности и незаконски дејствувања“, потенцираше вицепремиерката.