Тренчевска од Рим: Средбите со министрите од регионот се одлична можност за размена на искуства и воспоставување соработка од која придобивка имаат сите граѓани

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во рамки на министерската конференција за стареење во Рим, Италија, покрај учеството на конференцијата, реализираше и поединечни средби со министерките на Република Турција и Србија.

Со денешните панел дискусии се заокружи неколку дневната конференција во организација на УНЕЦЕ, Постојаната работна група за стареење на УНЕЦЕ и Владата на Италија.

Во рамки на конференцијата министерката Тренчевска, придружувана од државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика, Ејупи, шефицата на Кабинет, Димеска и раководителката на секторот за демографија, Ислами, оствари поединечни средби со министерките од Република Турција и Србија и претставниците на нивните делегации.

На средбата со Министерката за семејство и социјална заштита на Република Турција, г-ѓа Дерја Јаник, уште еднаш беа потврдени одличната соработка и пријателски односи меѓу двете држави.

Тема на разговорите беа демографските политики воспоставени во  Северна Македонија и Република Турција, како и идните планови кои се насочени кон унапредување на благосостојбата на старите лица во државите. Притоа, стана збор и за прашања кои ја уредуваат положбата на работниците во државата, актуелниот Закон за работни односи и промените кои ќе се направат со новиот Закон кој е во финална фаза, а кој ќе значи одговор на потребите на едно современо општество.

Се отвори дискусија и за законската регулатива воспоставена во државата, која се однесува на еднаквиот третман и можности на мажите и жените и регулативата која ја опфаќа детската заштита.

Министерката Тренчевска информираше дека, во подготовка е нов Закон за родова еднаквост со кој ќе се подигне статусот на прашањето за родова еднаквост преку формирање на секретаријатот за родова еднаквост, како национален механизам одговорен за координација и креирање на политика за родова еднаквост.

На средбата со министерката за работа, вработување и социјални прашања на Република Србија, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, се разговараше за неколку важни прашања кои се во областа на трудот и социјалната политика во рамки на надлежностите на двете министерства.

Најактуелната тема беше „Отворен Балкан“, - иницијатива во која членуваат Северна Македонија, Албанија и Србија, а има за цел да го промовира и да го развива капацитетот на регионот, како и да донесе конкретни придобивки за граѓаните и за бизнисите. Оваа иницијатива е можност за зајакнување на регионалната економска соработка и унапредување на слободата на движење на луѓе и добра.

Министерките зборуваа и во делот на вработувањето, при што Тренчевска ја информираше српската министерка за придобивките кои ги имаат  граѓаните од Оперативниот план за активни програми и мерки, кој покажува одлични резултати. Посебен акцент беше ставен на вработувањето на младите и обезбедувањето на поуспешен влез на пазарот на труд. Притоа беше истакната успешноста на мерката Гаранција за млади, како земја лидер во нејзината реализација, а не е земја членка на ЕУ.

Ова беше прва средба со министерката Тепачевиќ и делегацијата која ја предводеше, овие средби ќе зачестат периодот кој доаѓа, со оглед на заедничките активности на иницијативата „Отворен Балкан“.