Грковска на средба со Шмид: Северна Македонија високо ја цени долгогодишната соработка и дијалогот со ОБСЕ

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска во рамки на нејзината агенда на Преспа форумот за дијалог, денеска се сретна со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид.

На состанокот вицепремиерката Грковска истакна дека Северна Македонија високо ја цени долгогодишната соработка и дијалогот со ОБСЕ. Нагласи дека од посебна важност за нашата земја е експертизата на ОБСЕ, особено во реформата на полицијата, борбата против корупцијата, интегритетот и доброто владеење како и изборните реформи во согласност со препораките на ОДИХР и европските изборни стандарди.

Во разговорот вицепремиерката ги нагласи приоритетот на Владата за спроведување на реформите во правосудството за да се обезбеди правично, непристрасно, ефективно, одговорно и транспарентно спроведување на правдата, истовремено поддржувајќи ги напорите за враќање на довербата на јавноста во правосудниот систем.

Грковска истакна дека Северна Македонија се залага за време на претседавањето од ОБСЕ да се покрене нивото на јавна дебата за доброто владеење, борбата со корупцијата и личниот интегритет како основи за стабилни и силно демократии.

На состанокот се разговараше и за актуелните безбедносни ризици со кои се соочува регионот и улогата на Организацијата во справување со истите. Двете соговорнички се согласија дека безбедноста во ОБСЕ сферата мора исто така да се фокусира на новите технологии, вештачката интелигенција и сајбер безбедноста.