Ковачевски - Марин: Меѓусебната силна поддршка со Финска ги јакне соработката и европската иднина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и премиерката на Република Финска Сана Марин, којашто е во работна посета на нашата земја, имаат тет-а-тет средба на која разговараа за повеќе прашања од интерес на двете земји.

Во фокусот на средбата Ковачевски-Марин беше поддршката што Република Финска ја добива во процесот за пристапување на оваа земја во НАТО, како и силното застапување на Финска за проширувањето на ЕУ со отпочнување на преговорите за Северна Македонија за членство во ЕУ.

Премиерот Ковачевски за време на разговорот со премиерката Марин истакна дека членството на Финска во НАТО значително ќе ја зголеми безбедноста во Евро-Атлантскиот Регион, особено регионот на Високиот Север и Балтикот.

Премиерите Ковачевски и Марин споделија согласност дека од посебна важност за Европа е итниот почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ без дополнителни условувања што Финска силно го препорачува како признание за нашата земја којашто ги исполни сите критериуми за организирање на првата меѓувладина конференција за отворање на поглавјата за членство.

Двајцата премиери на средбата изразија подготвеност да ги поддржат сите потенцијали за унапредување на економската соработка и соработката во сферите на образованието и дигитализацијата.

После тет-а-тет средбата, делегациите одржаа и билатерална средба на која од наша страна учествуваа Бојан Маричиќ, заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи, министер за надворешни работи и министерката за одбрана Славјанка Петровска.