Остануваме на силната заложба за континуиран процес на реформи во јавната администрација и дигитализација

На вчерашната 54-та седница, Владата на Република Северна Македонија меѓу другото усвои и три информации поврзани со проектите на Министерството за информатичко општество и администрација.

Усвоена е Информацијата за потребата на отворање на 5G фреквенциите за телеком операторите, како и Информацијата за почнување на физибилити студија за инсталација на широкопојасен интернет во Република Северна Македонија.

Главниот фокус е на обезбедување на максималните придобивки од имплементацијата на 5G, вклучувајќи го и развојот на економскиот пазар преку поддршка и развој на нови услуги од најразлични сегменти на вертикалниот пазар кои се нудат на крајните корисници; обезбедување на широкопојасен интернет за сите области во државата, развојот на електронските комуникации, а особено на 5G мрежите.

На вчерашната владина седница, усвоена е и Информацијата за подготовка на Стратегија за РЈА (2023-2030), со акцент на препораките содржани во мониторинг Извештајот на СИГМА за Република Северна Македонија од 2021 година.

Во рамки на континуираниот процес на реформи во јавната администрација и силните заложби во таа насока, целта е обезбедување на модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти.