Бесими-Ејде: Норвешка ќе остане поддржувач на Македонија и по Чикаго
Норвешка е силен поддржувач на македонското членство во НАТО, активно ја поддржа Македонија на самитот во Букурешт во 2008 година и беше длабоко разочарана што не беше поканета, а поддршката ќе продолжи и по самитот во Чикаго, изјави норвешкиот министер за одбрана Еспен Барт Ејде по деншната средба во Осло со македонскиот колега Фатмир Бесими.
На средбата станало збор за билатерални, како и за глобални прашања, вклучително и за подготовките за НАТО самитот во Чикаго.
- Со Македонија продолжуваме тесно да соработуваме како партнер и контрибутор во мисиите. Заедно со македонските трупи сме рамо до рамо во Авганистан и се надевам дека континуирано ќе продолжиме да ја јакнеме соработката се до вашето добивање полноправно членство во Алијансата, рече Ејде.
Прашан дали очекува да се склучи некаков посебен договор меѓу Македонија и НАТО на престојниот самит во Чикаго, норвешкиот министер за одбрана рече дека се надева оти по самитот ќе има некаква порака дека процесот на пристапување е во тек и оти ќе биде брз.
- Нашата поддршка во Букурешт беше многу силна и се уште останува таква. Се обидуваме да видиме дали има некаков начин за да ја забрзаме постапката за членство. Во краен случај се надевам дека по самитот во Чикаго ќе најдеме начин да покажеме дека процесот е во тек и оти ќе биде брз. Ќе разговараме и ќе работиме на тоа, потенцира Ејде.
Министерот Бесими средбата со норвешкиот колега ја оцени како одлична можност за разговори за соработа во одбраната меѓу двете земји.
- Заеднички констатиравме дека соработката во меѓународните воени мисии е исклучително позитивна. Добивме пофалби за нашето учество во северниот дел на Авганистан со воен мидицински центар како дел од мисијата под команда на Норвешка, рече министерот Бесими, нагласувајќи дека Норвешка дава отворена поддршка за прием на Македонија во НАТО.
Тема на разговор, посочи, беа и проектите од новиот „смарт дифенс“ на НАТО и евроатланските интеграции.
- Разговаравме за идните теми на самитот на НАТО во Чикаго и за значењето од забрзувањето на евроатланските интеграции за земјите во регионот. Го изразивме нашиот интерес во оваа фаза во Чикаго да има јасен сигнал за проширување на НАТО во регионот и по можност Република Македонија да добие покана за членство во Алијансата. Пренесовме дека Македонија НАТО го гледа како значајна алтернатива за иднината за развој на регионот и оти останува доследна на определбата за полноправно членство во Алијансата независно од Самитот во Чикаго, бидејќи го гледа како процес кој е во континуитет. Продолжуваме со реформите и со нашиот придонес во меѓународните мисии, ќе ги чекаме заклучоците од Чикаго во однос на ИСАФ и „смарт дифенс“ и ќе продолжиме да бидеме кредибилен партнер, порача Бесими.
Македонскиот министер за одбрана претпладнето во Осло се сретна со началникот на Генералштабот на Норвешката армија, генерал Харалд Сунде и со Марие Ериксен, шеф на Комитетот за одбрана и надворешна политика на норвешкиот Парламент. На средбите стана бор за соработката во одбраната меѓу двете земји.