Средба Пешевски-Де Галаинена: Има простор за унапредување на економските односи меѓу Македонија и Шпанија

Постои простор за интензивирање на економските односи и трговската соработка меѓу Република Македонија и Кралството Шпанија, за што постои взаемен интерес, констатирале на денешната средба во Владата вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски со шпанскиот амбасадорот во земјава Фернандо де Галаинена.

Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, на средбата двајцата воедно ги споделиле и своите искуства во врска со мерките и проектите кои се реализираат од страна на владите на Македонија и Шпанија во насока на ублажување на негативните влијанија од економската криза.

- Вицепремиерот Пешевски истакна дека Република Македонија ќе продолжи да работи напорно на спроведување на економските реформи насочени кон подобрување на бизнис климата, зајакнување на конкурентноста на македонската економија и зголемување на вработеноста, стои во соопштението во кое се подвлекува посветеноста на Владата за понатамошно унапредување на добрите односи помеѓу двете земји, особено на економски план.