Маричиќ и Османи: Сите четири забелешки на ВМРО-ДПМНЕ се веќе инкорпорирани во предлогот

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи во синоќешното гостување на Националната телевизија истакнаа дека сите четири забелешки на ВМРО-ДПМНЕ се веќе инкорпорирани во предлогот.

Министерот Османи истакна дека е добро што почнавме да ја рационализираме дебатата и да зборуваме за конкретни забелешки.

„До пред некој ден се зборуваше со емоции, што е можеби легитимно и не треба да критикуваме. Јас ги видов овие четири забелешки и можам да кажам дека ако навистина овие се забелешките треба да се прифати тој предлог затоа што сите тие забелешки се инкорпорирани во тој предлог. Преговарачката рамка со утврден македонски јазик, со затворен македонски јазик се усвојува веднаш сега, откако ние ќе кажеме да, на пакетот. Штом се затвори тоа прашање, најважното се затвора. Ние можеме истиот ден ако сме спремни тоа логистички да го организираме, да се одржува првата меѓувладина конференција, се чита изјавата и почнува веднаш скринингот. На овој начин веднаш почнува да се мобилизира целата администрација, со експерти од Брисел кои веднаш почнуваат да прават проценки“, рече Османи.