Ковачевски: Присуството на Шарл Мишел значи поддршка за евроинтеграциите на Северна Македонија

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел присуствуваше на Владината седница на која заедно со премиерот Димитар Ковачевски и членовите на Владата дискутираа за европскиот предлог.

Беше дискутирано дека за Владата и за граѓаните е најважно тоа што во овој европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик, кој е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на Европската Унија без никакви фусноти, дообјаснувања и ѕвездички.

Премиерот Ковачевски истакна дека она што исто така е важно, а беше барање на Владата е тоа што предлогот ги става билатералните историски прашања надвор од преговарачката рамка, дополнително и дека овој европски предлог овозможува безусловен старт на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ и операционализација на одлуката на Европскиот совет од март 2020, со што преговорите со Европската Унија ќе можеме да ги започнеме веднаш по донесувањето на нашата одлука за прифаќање на предлогот.

Премиерот Ковачевски, уште еднаш пред присутните членови на Владата и делегацијата на Европскиот совет, предводена од Шарл Мишел ја истакна нашата стратешка определба како земја, која уште од основањето е за полноправното членство во Европската Унија. Премиерот Ковачевски подвлече дека нашиот пат и избор е демократија, слобода, мир, негување добрососедски односи и економски развој на земјата.

На Владината седница се дискутираше и за важноста во овие клучни моменти на државата мудро да се расудува, за иднината на сите народи кои тука живеат, бидејќи Северна Македонија припаѓа во Европската Унија, а тоа значи подобар стандард, подобра иднина за сегашните и за идните генерации.