58-ма Владина седница: Претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел ја пренесе поддршката на ЕУ за почеток на преговорите со Северна Македонија; Усвоен дополнет Предлог-Буџет за 2022 година; предложен нов Закон за енергетика усогласен со прописите на ЕУ

Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа 58-та редовна седница на која покрај премиерот Димитар Ковачевски и членовите на Владата присуствуваше и се обрати и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.

Високиот претставник на Европската Унија денеска е во еднодневна посета на нашата земја, во чии рамки одржа средба и прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.

На седницата, уште еднаш беше потенцирана поддршката и заложбата на Европската Унија за почеток на преговорите со Северна Македонија и беше истакнато дека во овој период се клучните моменти за одлука за напредокот на нашата држава од економски, политички и социолошки аспект.

Пред министрите, беше потенцирано дека европскиот предлог за отпочнување на преговорите за Северна Македонија ги вклучува сите македонски позиции и забелешки и дека преговорите може да почнат веднаш по одобрување на истиот.

Во рамки на 58-мата редовна седница, Владата го усвои дополнетиот Предлог-буџет на Република Северна Македонија за 2022 година, по што ќе биде испратен во Собранието.

Дополнетиот Предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година претставува нов интегрален текст во кој Владата ги вгради прифатените амандмани и потребните измени и дополнувања.

Според предлогот на ресорното Министерство за финансии, усвоени се измени, кои се во насока на зголемување на средствата кај одредени буџетски корисници, со истовремено намалување на средствата од буџетскиот корисник - Министерство за финансии-функции на државата.

Истовремено, се врши реалокација на средства во рамките на одредени буџетски корисници, кои немаат дополнителен фискален ефект кај самите буџетски корисници на сметката на Основен буџет и се врши реалокација на средства во рамки на одредени буџетски корисници, кои немаат дополнителен фискален ефект кај самите буџетски корисници на сопствените сметки.

Дваесет и пет милиони денари дополнителни средства во здравството, животната средина, инфраструктурата се обезбедуваат со дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2022 година.

На денешната седница, Владата го разгледа и Предлогот на законот изменување и дополнување на Законот за енергетика поради наметната потреба од глобалната енергетска криза за создавање на услови за зголемување на производство на електрична енергија од обновливи извори и заради усогласување на Законот за енергетика со новите хоризонтални закони, Законот за стратешки инвестиции, Законот за инспекциски надзор, Законот за електронски документи и електронска идентификација, како и со нацрт Законот за изградба на фотонапонски електроцентрали и нацрт Законот за безбедност на мрежи и информациски системи.

Новиот Предлог-закон се носи и заради дополнителни усогласувања на Законот за енергетика со соодветните прописи на Европската Унија, односно ЕУ Директивата 2019/944 за заедничките правила за внатрешниот пазар на електрична енергија и ЕУ Регулативата 2019/943 за внатрешниот пазар на електрична енергија и се воведува складирањето со електрична енергија како нова енергетска дејност, Регулативата 1227/2011 за интегритет и транспарентност на пазарите на големо на енергија, Регулативата 347/2013 за трансевропската енергетска инфраструктура, Регулативата 2015/1222 за воспоставување на правила за алокација на капацитетите и управување со загушувањата, како и Препораката 2018/01/MC-EnC на Министерскиот Совет на Енергетската заедница изготвување и усвојување на План за енергија и клима.

Измените на Законот за енергетика меѓу другото, се овозможува Владата да ја донесува Стратегијата за развој на енергетиката и во периоди пократки од пет години со цел да се антиципираат глобалните трендови во областа на енергетиката настанати од забрзаното воведување на нови технологии, промената на структурата во побарувачката на енергија, динамиката на развојот на енергетските пазари а пред се заради преземање на навремени мерки за заштита од климатските промени. Новиот Закон создава законски основ Владата, на предлог на Министерството за економија и Министерството за труд и социјална политика, а по претходно мислење од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, да донесе Уредба за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, врз основа на којашто секоја година Владата ќе носи  Програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за наредната година со која што се утврдуваат мерките за спроведување на Уредбата.

Владините претставници на седницата го разгледаа и пуштија во понатамошна процедура до Собранието и Предлогот на Закон за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем во износ до 100 милиони евра  за финансирање на Проектот за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ – Скопје во услови на енергетска криза, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, по скратена постапка.

На денешната седница, Владата, откако ја разгледа, ја усвои Информацијата за реализација на Проектот - Возобновување на Св. Климентовиот Универзитет на Плаошник, подготвена од Министерството за култура - Управа за заштита на културното наследство и беше дадена согласност и мислење за оправданоста и продолжување на проектот.

Исто така, беше задолжено Министерството за финансии да обезбеди средства во висина од 50.000.000,00 денари во Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 и 22.700.000,00 денари во Буџетот на Република Северна Македонија за 2024  година за реализација на Проектот.

На редовната седница, беше разгледан и прифатен усогласениот текст на Спогодбата за имплементација на проект од Зелениот климатски фонд со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) GmbH „Градење капацитети за одржлив развој на човечкиот капитал во Северна Македонија (во секторите здравство, образование и социјална вклученост)“. Спогодбата ќе биде потпишана од заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, кој е назначен претставник за комуникација со Зелениот климатски фонд (Focal Point).

Денеска на предлог на заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжена за политики на добро владеење беше разгледана Информацијата за подобрување на кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата со Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.

Измените на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции, во најголем дел, се резултат на забелешките и препораките на ГРЕКО, а се однесуваат на унапредување на определбата на Владата за етичко однесување на членовите на Владата и другите јавни функционери, кои се должни да работат во интерес на граѓаните.