Средба на вицепремиерката Грковска со претставници од „GovStack“ Иницијативата: Меѓународното искуство и експертизата во областа се клучни за процесот на дигитална трансформација на Северна Македонија

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски денеска одржаа онлајн состанок со Неле Леоск, амбасадор за дигитализација во естонското Министерство за надворешни работи, како и со претставници на „GovStack“ Иницијативата за можноста за продлабочување на соработката со Република Северна Македонија во процесот на дигитална трансформација на општеството.

„GovStack“ е заедничка Иницијатива раководена од естонското Министерство за економска соработка и развој, GIZ, Сојузот за меѓународни комуникации и Алијансата за дигитално влијание, која меѓудругото има задача да им помогне на владите во другите земји да обезбедат брза и ефикасна дигитална трансформација на општеството.  

Вицепремиерката Грковска оцени дека во процесот на дигитална трансформација на општеството за Република Северна Македонија е многу значајно меѓународното искуство во делот на дигитализацијата што може да го понуди „GovStack“ Иницијативата, како и експертиза во областа, со цел да се обезбеди ефикасен процес на дигитализација во државата кој обезбедува професионални, ефикасни и отчетни институции, но и унапредување на услугите за граѓаните и на регионално ниво со обезбедување на решенија кои ги има една држава, кои можат да се употребат и во други држави, со што се забрзува целиот процес на дигитална трансформација и станува поефикасен.    

Вицепремиерката Грковска нагласи дека на можната соработка со „GovStack“ гледа како на голема можност за унапредување на процесите, но и во делот на стандардизација на процесите, како и на техничките спецификации за набавка на софтвери со цел да се обезбеди компатибилност со платформата за интероперабилност.

Од претставниците на „GovStack“ беше посочено дека дигитализацијата на владините услуги е клучен процес за обезбедување на економски раст, развој на дигиталната економија, промоција на доверба на граѓаните во владините институции.