Македонија стана 15-та членка на Меѓународниот центар за развој на миграциската политика

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Питер Видерман директорот на Меѓународниот центар за развој на миграциската политика (ИЦМПД) денеска во Скопје потпишаа Декларација за намера, со која Република Македонија пристапува како 15-та земја членка во оваа меѓународна организација.

Со потпишувањето на Декларацијата, нагласи Јанкулоска, повторно ја потврдуваме заложбата на Република Македонија својата миграциска политика да ја реализира во согласност со европската агенда, со што дополнително се истакнува важноста од меѓународната соработка во оваа област.

Примената на конзистентна миграциона политика во Република Македонија, посочи таа, е условено од интензивирањето на меѓународните миграциски движења во светот, кои не ја заобиколуваат Република Македонија. Во таа насока,  Република Македонија, потенцира Јанкулоска, слично како и повеќето европски земји е изложена на зголемена миграција во процесот на глобализација.

Од почетокот на годинава,  на територијата на Република Македонија се откриени 210 мигранти главно од земјите од северна Африка и Азија, односно средниот Исток. Според податоците со кои располага МВР, најголем дел од овие мигранти потекнуваат од Пакистан и Авганистан, но и од Алжир, Мароко, Тунис, Еритреја, Судан, Египет, Бангладеш и други земји. Само во првите четири месеци, реализирани се 13 кривични дела „криумчарење на мигранти“ за кои досега се пријавени 17 сторители.

- МВР вложувало и ќе продолжи да ги вложува сите капацитети како за обезбедување на државните граници, така и за откривање и соодветно постапување со мигрантите кои нелегално влегле на македонска територија. Факт е дека проблемот со илегалната миграција е присутен секаде, вклучувајќи ги и најразвиените земји, така што Македонија не може да биде исклучок. Сепак, тоа не може и не смее да биде некаква утеха бидејќи истиот предизвикува дополнително оптоварување на буџетот на земјава и затоа бара дополнителни напори за негово надминување, рече Јанкулоска, додавајќи оти Македонија не е ниту крајна дестинација, ниту примарна од која што овие мигранти го започнуваат своето патешествие кон побогатите земји членки на ЕУ по напуштањето на нивните матични земји.

- Оттаму, слободно може да кажеме дека се работи за проблем кој што ни е наметнат од надвор и затоа за негово надминување неопходно е засилено ангажирање и од страна на оние заради кои се соочуваме со него. Анализите со кои располагаме велат дека во преку 90 проценти од случаите илегалните мигранти влегуваат во Македонија преку границата со Грција, појасни министерката за внатрешни работи.

Директорот Видерман истакна дека ИЦМПД е меѓународна организација со седиште во Виена и работи на глобално ниво, но ги следи европските начела и правила за работа.

- Работиме на три принципи, а тоа е еден вид поддршка на земјите членки во градењето на дијалогот во доменот на миграција и целиот процес на миграционата политика, појасни меѓу другото Видерман. 

- Нашата организација е подготвена да ја даде поддршката за Република Македонија за членството во ЕУ и да соработуваме заедно во смисла на давање поддршка за исполнување на одредени критериуми неопходни за пристапот кон европското семејство, рече денеска Питер Видерман директорот на Меѓународниот центар за развој на миграционата политика по потпишувањето на Декларацијата.