Грковска од Виена: Владата на Северна Македонија е посветена на стратешко зајакнување и унапредување на капацитетите на националните институции во следењето на протокот на финансиите и трансфер на нелегално стекнат имот

Фактот што добиваме признание од меѓународните организации дека сме единствената држава во Југоисточна Европа која има подготвено Стратегија за зајакнување на капацитетите за водење на финансиска истрага и конфискација на имот, со Акциски план, и посебна Национална комисија која активно ја следи имплементацијата, не само што импонира, туку преставува и голем мотив одлучно да застанеме на патот на нелегално стекнатиот имот. Ова го порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешниот регионален состанок на тема „Јавните политики во областа на конфискација на имот“, што се одржува во Виена, во организација на Регионалната канцеларија на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (UNODC).

На состанокот, на кој на регионално ниво се дискутира за стратешките определби на земјите од регионот во однос на конфискацијата и одземање на имот, Грковска потенцираше дека Владата на Северна Македонија во изминатите неколку години активно работи на преземање мерки и активности за спречување на корупцијата и криминалот, во секоја сфера од општеството.  

„Борбата е голема, сеопфатна и тешка. За остварување резултати потребна е голема волја за соработка и комуникација со сите чинители. Во целиот процес од особена важност ни се странските искуства и секако поддршката што ја имаме од меѓународната заедница. Она што е важно е дека оваа Влада е решена за бескомпромисна борба со корупцијата и криминалот, спречувањето на перење пари и финансирање на тероризам, појави кои што се сериозна закана за напредокот на секое општество“, нагласи Грковска.

Вицепремиерката потенцираше дека во битката на спречување на перење пари и финансирање на тероризам, важна е координацијата со и помеѓу Агенцијата за финансиско разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Управата за финансиска полиција. И тука неминовно се наметнува потреба од постојано стратешко зајакнување и унапредување на капацитетите на националните институции, како и нивна континуирана координација во следењето на протокот на финансиите, откривање на евентуално прикривање и трансфер на нелегално стекнат имот.

Регионалната средба се одржува во рамките на проектот „Од недозволени финансиски текови до обнова на имотот“ во рамките на Регионалната програма на UNODC за Југоисточна Европа. Проектот има за цел да го подобри капацитетот на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, како и Косово според Резолуцијата на ОН 1244, да се повратат приходите и инструментите од криминал и да се зајакне размената на информации или докази кои водат до заплени и конфискации.